top of page
Search

🎉 Свесна Нова Година - еве зошто и како ?

Updated: 2 days ago

Празниците доаѓаат со многу очекувања и правила. Резервации, декорации и совршени комбинации.


Сè треба да биде среќно и светкаво. Од убаво по убаво.


Да може. Но, и не мора. Особено ако тоа ти носи скриени трошоци како стрес и анксиозност.


Ајде да застанеме пред да почне трката по совршеното славје и да се прашаме:

Како оваа Нова Година може да биде Свесна Нова Година?


Додека си тука провери го интензитетот на твојата анксиозност на овој линк


  1. Твојата дефиниција за Нова година ти припаѓа тебе


ree

Оваа недела е најголемиот притисок за тоа како, каде и со кого треба да ја прославиме новата година.


Многу правила, кои доаѓаат од реклами, социјални мрежи и филмови, ни влијаат врз тоа што да правиме за празниците.


Па често избираме по навика, наместо од вистинска желба.


А кога не си ги слушаме потребите, нашето тело и ум реагираат со анксиозност.


Затоа добро е да се запрашаме:

  1. Што ми е потребно овие денови?

  2. Што ми е важно овој период?


  • Можеби сакам празниците да ми бидат спонтани без планови.

  • Или да бидам меѓу многу луѓе, во динамична атмосфера.

  • А можеби сакам да останам дома и направам рефлексија за минатата година.


Нема ништо правилно и погрешно. Идејата е да бидеме присутни и да одлучиме свесно. Наместо по навика.


Имаш право да ги поминеш празниците по твое и да почитуваш како другите сакаат да го направат тоа.


2. Социјална анксиозност


За многумина од нас дружењата знаат да бидат извор на анксиозност.

Од една страна посакуваме да се поврземе — од друга постојано сме на штрек како нè доживуваат другите.


Размислуваме што ќе кажеме, како изгледаме или дали сме „доволно опуштени“.


Во тој обид да оставиме добар впечаток - го губиме контактот со себе и останатите.

Го криеме срамот, несигурноста, непријатноста — и токму тоа го продлабочува внатрешниот немир.


Ако ти се појави социјалната анксиозност:

  • Апсолутно прифати ја - без да се бориш со неа

  • Забележи каде во телото ја чувствуваш

  • Кои емоции и мисли ги забележуваш?

  • Запрашај се - Што ми е потребно сега? Од што се плашам?


Потсети се дека луѓето повеќе се преокупирани со себе, отколку со тебе.

На истата маса има луѓе кои исто така се грижат како другите ги доживуваат.


3. Со каква тага ќе ја прославиш новата година?


Додека предновогодишните празници носат очекувања дека треба да бидеме среќни, и весели - во многу од нас тагата тивко тагува.


Тие “Среќни” очекувања прават притисок да ги гледаме тагата, бесот, разочараноста, апатијата, депресијата како непосакувани гости. Додека тие тропаат на врата, ние се преправаме дека сме среќни и ги оставаме на студот.


Може ли да се обидеме да им отвориме врата на овие гости? Да ги поканиме во ресторанот, дневната, плоштадот. Да ги држиме за рака и заедно да прославиме со нив?


Наместо да ги заклучиме и оставиме сами - да ги слушнеме.


Кога ќе се појават да им дадеме глас – преку збор, пишување, цртеж, солза, разговор.

Па и некоја чаша вино.


Зашто само кога ќе им дадеме место, тие чувства стануваат дел од животот, наместо да бидат товар.


ree

Во исто време да се потсетиме дека Новата година е момент за нови почетоци. Т.е. секој ден, секој момент е можност за нови почетоци.


Секој момент е можност да погледнеме на нашата ситуација со различен ум. Да ги видиме емоциите како информација за раст, созревање, будење. Можност да се вратиме сега и тука. Да бидеме благодарни за тоа што го имаме и мирни со работите какви што се.


На кои “непосакувани” емоции ќе дадеш простор оваа Нова година?


4. Највредниот подарок е да бидеш присутен со пријателите


ree

Ако одлучиш да го поминеш времето со твоите блиски важно е да бидеш присутен/а со нив.


Како изгледа тоа?


Додека разговарате:

  • Да не гледаш во телефон

  • Да исклучиш ТВ и радио

  • Да не размислуваш што правиш следно


Наместо тоа

  • Го ставаш целото внимание на личноста спроти тебе

  • Слушаш што зборува без да даваш совети

  • Слушаш што зборува без да размислуваш што да кажеш ти


Секогаш кога ќе ти одлета вниманието (а ќе одлета, но не дозволувај така да ти одлета и времето), нежно врати се назад на разговорот, експресијата или тонот на личноста.


На крај, не е важно што сте кажале, туку како сте се слушале.

Свесна Нова година започнува со тебе


Се надеваме дека оваа Нова година ќе ја поминеш во контакт со своите вистински потреби — со луѓето што ти носат мир, на места каде што можеш да бидеш свој/а и во моменти што ти дозволуваат да здивнеш, да почувствуваш, да се насмевнеш.


Да бидеш мирен како новогодишна елка - цврсто вкоренет во својата автентичност.

Да си дозволиш да блеснеш во сите твои бои и нијанси без споредби, брзања и маски.


Да бидеш тоа што си. Автентичен/а и прекрасен/а!


Свесна Нова Година

Тимот на Гешталт Македонија


Важно: Овој текст има едукативна цел и не претставува замена за професионална психолошка или медицинска помош. Ако стравовите и анксиозноста значително влијаат на вашиот секојдневен живот, препорачуваме консултација со лиценциран психолог или психотерапевт. Доколку ви е потребна поддшка од психотерпавет контактирајте не на shs.gestalt@gmail.com



📩 Доколку сакаш да добиваш содржини за подобро ментално здравје приклучи се на нашиот Newsletter подолу на формата.


Се читаме!

ree

🔁Не заборавај да го споделиш овој пост – некому може да му биде од корист.

 
 
 

Comments


Добивај ги следните едукативни содржини за ментално здравје

Се читаме наскоро! 

Заследи нѐ

  • Instagram
  • Facebook

© 2025 Created by KTD

bottom of page