Биографија
Добредојдовте во простор за свесност, раст и промена!Јас сум Благица Р. Ваниќ, имам повеќе од 15 години професионално искуство како психолог, психотерапевт, тренер и супервизор со меѓународно искуство - кој ја истражува и негува човечката природа, во сите нејзини нијанси.

Верувам дека секоја промена започнува со свесност – со моментот кога ќе застанеме, ќе погледнеме во себе и ќе го препознаеме она што е живо и вистинито во нас.
Затоа, сè што правам е насочено кон поддршка на луѓето да најдат смисла, да изградат здрави односи и да го откријат сопствениот потенцијал.
Ви нудам безбеден и поддржувачки простор каде што можете да се поврзете со себе, да ја зајакнете внатрешната стабилност и да живеете исполнет живот.
Моето професионално патување ме водеше од индивидуална и групна психотерапија, преку бројни обуки и едукативни програми, до консултантска работа со организации и заедници.
Како основач и директор на Гешталт институтот „Советувалиште за хумана соработка“, мојата мисија е да ја развивам Гешталт заедницата во Македонија и да ја поврзувам со европските стандарди и практики.
Моето патување ме донесе и во Европската асоцијација за психотерапија (EAP) и Европската асоцијација за гешталт терапија (EAGT), каде активно придонесувам за развојот на професијата.
Соработувам на универзитети во Македонија и Европа и со радост го пренесувам своето знаење и искуство со студентите по психологија и бизнис.
Темите што ги предавам и истражувам, како когнитивна психологија, стрес менаџмент, психометрија, менаџмент на промени, организациска психологија и кариерен развој ги поврзувам со реалниот живот и секојдневните предизвици.
Имам привилегија континуирано да соработувам со национални и интернационални организации од јавен, приватен и невладин сектор водејќи проекти поврзани со ментално здравје, траума, инклузија, психолошка прва помош како и развој на вештини за комуникација, менаџирање на конфликти, градење и развој на тимови, менаџирање на стресот.
Автор сум на повеќе книги и научни трудови, и редовно учествувам на конференции за да споделувам и учам.
Мојата работа е повеќе од професија – таа е мој повик. И секогаш кога ќе видам некој како прави мал чекор кон себеси, знам дека сум на вистинскиот пат.
Верувам дека секој човек носи во себе огромен потенцијал за промена и раст. Мојата улога е да ве поддржам на тој пат – без осудување, со почит и со внимание кон вашата приказна.
Ако барате безбеден простор каде што можете да се истражите, да се поврзете со себе и да откриете нови начини за живот во полн капацитет – сте на вистинското место.