top of page
Search

Анксиозноста како порака-повик за контакт со себе

Updated: Oct 16


Многумина ја доживуваат анксиозноста како нешто страшно, како состојба која мора да се искорени или сокрие. Но, ако застанеме и ја погледнеме подлабоко, ќе видиме дека таа е порака од нашиот организам – сигнал дека нешто во нас бара внимание.


Анксиозноста не доаѓа случајно. Таа е начин на кој телото и умот нѝ праќаат порака дека некоја наша емоција или потреба останува непрепознаена или потисната.


(настаните во текстот не се поврзани со личноста на сликата -туку се измислени сценарија )


ree

Анксиозноста и телото


Нашето тело и ум се еден неделив систем. Кога сме анксиозни, тоа не го чувствува само умот.


Телото зборува онаму каде што ние замолчуваме. Тоа носи во себе траги од сите наши доживувања.


Мускулите се затегнати, дишењето станува плитко, органите работат под притисок, срцето чука побрзо. Главоболки, стегање во градите или несоница – тоа се форми на говор на телото.


Тоа што ни изгледа како обичен симптом од кој сакаме да се ослободиме - можеби е порака од нашето тело кое едвај чека да ја слушнеме.


Во случајот на Филип анксиозноста се манифестира преку стегање во градите, несоница, скочанети нозе и главоболка секогаш кога оди на состанок на новото работно место. Но, можеби симптомите имаат некаква порака за него?


ree


Потиснати чувства


Многу често, зад анксиозноста стојат чувства кои сме научиле да не ги покажуваме: лутина, тага, беспомошност, потреба за поддршка или љубов. Наместо да ги изразиме, ние ги задржуваме во нас.


Но, чувствата не исчезнуваат. Ако не се изразат на здрав начин, тие бараат друг излез. Затоа немирот и стравовите често се претвораат во симптоми – телото го презема товарот на непрепознаените емоции.


Така Филип по добивањето на отказ на претходното работно место почнува да чувствува бура на емоции , стравови и грижи кои ги чува во себе.


Но, тој мора да биде цврст и да не ги изразува чувствата, инаку постои можност да биде осуден од другите дека е слабак - но можеби чувствата имаат порака за него?



Симптомите и емоциите како порака


Симптомите изгледаат како проблем, но ако ги погледнеме со љубопитност, ќе видиме дека тие се всушност обид на организмот да најде рамнотежа.


Главоболката, несоницата, заморот – сето тоа може да биде порака дека нешто потиснуваме, дека нѝ е потребен одмор, промена или поддршка.


Околината често полесно прифаќа симптом („ме боли глава“) отколку признание за емоција („се чувствувам осамено“). - затоа голем дел од нас ги потиснуваме емоциите.


Но, ова решение е краткотрајно – порано или подоцна, телото ќе најде нов начин да нѐ потсети што носиме во себе и на нашите потреби, па макар и преку симптоми.


Зошто е важен контактот со нашите доживувања овде и сега?


Кога сме во контакт со она што се случува во овде и сега, имаме шанса да ја видиме вистинската слика. Тоа значи да забележиме како нѝ е во телото, кои мисли нѐ окупираат, кои чувства се јавуваат.


Свесноста во моментот е прв чекор кон здрав избор.


Ако не забележиме што нѝ се случува, лесно се губиме во анализи на минатото („како требаше да биде“) или во стравови за иднината („што ако се случи...“). Тогаш сѐ станува замаглено и губиме контакт со сопствените потреби.


Контактот со сегашниот момент нѝ овозможува да ја разликуваме нашата автентична потреба од наметнато очекување на околината за тоа како треба да се чувствуваме и однесуваме.


На пример, можеби мојата анксиозност крие едноставна порака: дека ми треба одмор, дека сакам блискост или дека е време да кажам „не“.


Во случајот со Филип, низ терапевтската сесија тој открива дека неговата анксиозност носи порака:

 

"Јас се појавив во тебе кога го доби отказот. Тука сум за да те заштитам од нова болка и ново разочарување. Сакам да те држам буден и внимателен, за да не згрешиш повторно. Затоа, секогаш кога ќе тргнеш на состанок, ќе ти пуштам стегање во градите, несоница и стравови – затоа што се плашам дека еден погрешен чекор ќе те доведе до уште еден отказ."

 

Оваа порака открива нешто важно – дека анксиозноста, иако непријатна, се појавува со намера да го заштити. Но вистинската сила не е во стравот, туку во тоа да ја препознаеме пораката зад него.


Во сегашниот момент се наоѓа нашата сила – не во минатото кое не можеме да го смениме, ниту во иднината која не може да ја знаеме.


Психотерапијата како простор за нов избор


Психотерапијата е безбеден простор каде можеме да ги истражиме овие пораки од анксиозноста без страв и осуда.


Терапевтот не е некој кој „го гаси пожарот“ наместо нас, туку потпора додека ние учиме да гледаме појасно и да се движиме на свои нозе.


Преку процесот на терапијата, учиме да станеме свесни за нашите доживувања - да ги прифатиме и да пронајдеме нови начини на изразување на чувствата.


Ако сме способни да создадеме симптоми, тогаш сме способни и да создадеме здрави избори – избори кои нѐ водат кон повеќе слобода, автентичност и одговорност.


Анксиозноста како водич


Анксиозноста, наместо да биде пречка, може да стане водич. Таа нѐ повикува да застанеме и да се свртиме кон себе со едно едноставно прашање:


👉 „Што навистина ми е потребно во овој момент?“


Кога ќе ја прифатиме анксиозноста како порака, а не како закана, откриваме дека таа е дел од нашиот пат кон растење, промена и подлабок контакт со себе и со другите.


✨ Анксиозноста не е крајна состојба – таа е покана да се запознаеме со себе.


Во наредниот блог текст ќе разговараме како клиентот Филип му ја дава моќта на директорот да управува со неговите емоции и мисли.


📩 Приклучи се на нашиот Newsletter подолу на формата и добивај ги следните блог-текстови.


🧘 П.С. во процес сме на креирање на онлајн програми за справување за анксзиозност и стрес.


Со твоето искуство можеш да нѝ помогнеш да направиме поефикасни програми - Пополни го нашиот краток прашалник - Како се справуваш со анксиозност? и веднаш добиј аудио вежба за релаксација и враќање во контакт со себе.


Ти благодариме,


Се читаме!


Не заборавај да го споделиш овој пост со твојот пријател.


 
 
 

Comments


Добивај ги следните едукативни содржини за ментално здравје

Се читаме наскоро! 

Заследи нѐ

  • Instagram
  • Facebook

© 2025 Created by KTD

bottom of page