
Психолошко тестирање во организации
1.1 Процес на психолошко тестирање
Денес е клучно за компаниите да вработат лица кои со своето знаење и способности се соодветни за работните позиции. За нив од иста важност e на вистинските лица, кои се веќе вработени, да им дадат унапредување. Наодите од психолошките тестирања се од голема важност зашто ни даваат квалитетни и корисни информации за личноста и способностите на лицато кое е веќе вработено.
1.1.1 Цел на тестирањто
Пронаоѓање на вистинските лица кои ќе бидат способни соодветно да ја извршуваат работата во рамките на одредена работна позиција.
1.1.2 Методологија
Психолошките тестирања се состојат од тестирање и интервјуирање на кандидатите кои аплицирале за работното место. Постојат повеќе видови тестови кои се користат во процесот на селекција.
Дел од нив се фокусираат на специфичното знаење кое е потребно за успешно да се извршува работата, дел ја мерат моторната способност на лицата, а дел се фокусираат на нивните лични карактеристики. Целта на користењето психолошки тестови во процесот на селекција на кандидати е да се процени:
-
Нивото на интелигенција
-
Нумеричките способности
-
Креативноста
-
Личните карактеристики
-
Начинот на функционирање во тим
-
Менаџерските способности
-
Продажните способности
-
Комуникациските вештини
По спроведеното тестирање и интервјуирање, наодите од тестовите и интервјуто се сумираат и обработуваат од страна на психолози и се пишува психолошки наод и мислење, во кој се наведуваат
резултатите од спроведените тестови и се дава мислење, односно препорака за кандидатот кој аплицирал. На крај, од групата кандидати се предложува најсоодветниот кандидат за позицијата.
1.2 Психолошки тестови: краток опис и примери
1.2.1 Воведен дел
Извештајот на почетокот содржи кратка информација за тестовите кои се користени во тестирањето и генералниот впечаток на психологот за кандидатот. Во него се вклучени начинот на однесување на лицето и импликациите кои тоа ги носи за извршувањето на работните задачи.
1.2.2 Тестови за мерење на интелектуалните способности
-
Равенови прогресивни матрици е невербален тест, односно тест во кој прашањата се во форма на слики и шеми. Задачата на лицето кое се тестира е да избере една форма која недостасува во шема прикажана на слика. Со него се мери општата интелигенција.
1.2.3 Тестови за мерење на емоционалните капацитети
Тестовите за емоционална интелигенција вклучуваат процена на способноста за контролирање, препознавање, изразување и справување со своите емоции и со емоциите на другите. Прашалникот за мерење на емоционалната интелигенција мери општа емоционална интелигенција, добросостојба, самоконтрола, социјабилност и емоционалност.
1.2.4 Тестови за мерење на менаџерските способности
Тестовите за мерење на менаџерските компетенции вклучуваат процена на капацитетите на менаџерите или потенцијалните менаџери за справување со работните задачи и предизвиците на
менаџерската позиција. Прашалникот за мерење на менаџерските способности ја мери способноста за стратешко мислење, етичкото однесување, менаџирањето на другите, односите со другите,
однесувањето во тимот, комуникациските способности, планирањето, ориентираноста кон успех, влијанието врз другите, контролата врз емоциите и стресот, личниот раст и развој, барањето информации (истражување) и донесувањето одлуки.
1.2.5 Тестови за личност
Целта на тестовите за личност е да опишат аспекти на карактерот на лицето кои остануваат стабилни во животот на луѓето, односно карактерот на лицата изразен во однесување, мисли и чувства. Во нив спаѓаат:
-
ДИСК (Доминантност, Влијание врз другите, Грижливост, Послушност)
1.2.6 Тестови за тимски улоги
Тестот за тимски улоги БЕЛБИН е исклучително корисен тест кој помага да се изградат продуктивни работни односи, да се изберат и развијат успешни тимови, да се создаде свесност кај лицата за себе
и за личната ефективност и да се изгради заемна доверба и разбирање.
1.2.7 Тестови за стилови на комуникација
Прашалникот за стилови на комуникација дава информации за начинот на кој кандидатот се гледа себеси, како делува во секојдневниот живот и како воспоставува комуникација со другите луѓе.
1.2.8 Препорака (Психолошки наод и мислење)
Врз основа на резултатите од спроведените тестови се создава препорака за кандидатот. Таа содржи информации за неговите карактеристики, начинот на кој би функционирал во работната средина и начинот на кој би одговорил на работните задачи. Во неа се нагласува видот на работното место во кое тој би бил најуспешен и за кое намногу би придонел со своите личносни карактеристики.