top of page
Search

Кога не се вклопуваш во семејството...

5 days ago
4 min read

Дали некогаш си се почувствувал/а како да си „црната овца“ во сопственото семејство?

 

Можеби се чувствуваш така затоа што:

 

●      Имаш чувство дека твоите чувства, потреби и мислења не се доволно важни или дека никој навистина не те слуша.

 

●      Често се обидуваш да ги исполниш очекувањата на семејството, дури и кога тоа значи да ги занемариш сопствените желби.

 

●      Забележуваш дека другите членови на семејството се поблиски меѓу себе, додека ти се чувствуваш како да стоиш настрана.

 

●      Чувствуваш дека имаш одредена улога во семејството што постојано ја повторуваш - оној/онаа што смирува, се грижи за сите, не создава проблеми или секогаш мора да биде силен/силна.

 

●      И кога сте заедно, имаш чувство дека не можеш целосно да бидеш тоа што си, без страв дека ќе бидеш осуден/а, погрешно разбран/а или одбиен/а.

 

Можеби си научил/а да премолчуваш за да избегнеш конфликт, да ги ставаш потребите на другите пред своите или да се повлекуваш кога чувствуваш дека можеби тоа што имаш да го кажеш ќе им биде товар на другите.

 

Иако семејството е едно од првите места каде што учиме што значи да се биде дел од нешто, токму таму понекогаш можеме да го доживееме и чувството дека не припаѓаме.

 

Ова чувство не мора секогаш да се појавува во примарното семејство. Може да го доживееме и во поширокото семејство — меѓу роднините, братучедите, бабите и дедовците, на семејните собири или во односите во кои се очекува да се чувствуваме блиски само затоа што сме поврзани со семејни врски.

 

Но, што ако зад ова доживување се крие нешто повеќе од она што првично го забележуваме?

 

Често забележуваме што ни пречи, што ни недостасува и што би сакале да биде поинаку. Можеби сакаме повеќе разбирање, прифаќање, поддршка или едноставно можност да бидеме свои без да мораме постојано да се објаснуваме и оправдуваме.

 

Но, нашето доживување не е единственото во семејството.

 

Секој член на семејството има свои чувства, потреби, очекувања и начин на кој го доживува своето место во семејниот систем.

 

Во семејството постепено се создаваат односи, правила и очекувања, понекогаш изговорени, а понекогаш никогаш јасно искажани. Некои од нив ни помагаат да се чувствуваме сигурно и поврзано, додека други можат да нè ограничат во тоа како се изразуваме, како ги доживуваме другите и како се доживуваме себеси.

 

Можеби во твоето семејство научил/а дека е важно да бидеш успешен/успешна, да не покажуваш слабост или да не ги вознемируваш другите со сопствените проблеми. Можеби си ја презел/а улогата на посредник меѓу членовите на семејството или си научил/а дека за да бидеш прифатен/а, треба да се согласуваш со мнозинството.

 

Со текот на времето, овие улоги можат да станат толку вообичаени што престануваме да ги препознаваме како нешто што го правиме. Почнуваме да ги доживуваме како нешто што сме.

 

Кога овие улоги и очекувања не оставаат доволно простор за индивидуалност, различност и отворена комуникација, чувството на припадност може да стане условено.

 

Како да треба да бидеме одредена верзија од себе за да имаме свое место во семејството.

 

Но, дали навистина мораме да се откажеме од делови од себе за да припаѓаме?

 

Кога недостасуваат отворен контакт и меѓусебно разбирање, секој член може да остане затворен во сопственото доживување.

 

 Едниот се чувствува повредено, другиот не разбира зошто, а третиот се обидува да ги смири односите, без притоа да се зборува за она што навистина се случува меѓу нив.

 

Така, иако постојат семејни врски, заеднички спомени и историја, може да недостасува чувство на емоционална блискост.

 

Можеме да бидеме присутни на секој семеен собир, а сепак да се чувствуваме осамено. Можеме да ги сакаме членовите на семејството, а истовремено да чувствуваме лутина, разочарување или потреба за дистанца.

 

Овие чувства не мора да се исклучуваат меѓусебно.

 

Понекогаш, токму кога почнуваме подобро да се запознаваме себеси, стануваме посвесни за разликите меѓу нас и луѓето со кои сме пораснале.

 

Она што некогаш сме го прифаќале како вообичаено, почнуваме да го преиспитуваме. Она што претходно сме го премолчувале, почнуваме да го препознаваме како сопствена потреба.

 

Тоа може да донесе несигурност, но и можност да ги разбереме односите на поинаков начин.

 

Затоа, пред да заклучиме дека не припаѓаме или дека мораме да се приспособиме за да го зачуваме своето место во семејството, можеби вреди да си поставиме неколку прашања:

 

●      Дали можам да ги изразам своите чувства, потреби и мислења или се обидувам да бидам она што другите очекуваат од мене?

 

●      Дали сум тој/таа што се грижи за сите, ги смирува конфликтите, ги исполнува очекувањата или се повлекува за да избегне несогласување?

 

●      Дали можам да останам во контакт со себе и со другиот, дури и кога постојат разлики?

 

●      Дали барам прифаќање, сигурност, признание или чувство дека сум важен/важна?

 

●      Можам ли да имам сопствени ставови, избори и граници, а сепак да го чувствувам своето место во семејството?

 

●      Дали припадноста ја доживувам како можност да бидам прифатен/а таков/таква каков/каква што сум или како потреба постојано да се докажувам?

 

Одговорите на овие прашања не мора да значат дека треба да ја преземеме целата одговорност за семејните односи, ниту дека секоја врска мора да се промени или зачува по секоја цена.

 

Понекогаш, преку ова истражување, можеме да откриеме нови начини на комуникација и поврзување. Другпат, можеме подобро да ги разбереме сопствените граници, да препознаеме што ни е потребно и да прифатиме дека блискоста не секогаш изгледа онака како што сме ја замислувале.

 

Можеби не можеме да го промениме целото семејство, но можеме да станеме посвесни за сопственото место во него, за улогите што ги преземаме и за начинот на кој учествуваме во односите.

Бидејќи припадноста не значи да бидеме исти со другите, туку да постои простор за нашата различност, без да мораме да се откажеме од себе.

 

Токму тоа ќе го истражуваме на следната Гешталт работилница „Моето место меѓу другите“.

Преку водена групна визуелизација ќе истражуваш каква улога преземаш во групите од кои си дел, како го доживуваш своето место меѓу другите и како твојот начин на учество влијае врз динамиката на групата.

 

Ако сакаш подобро да го разбереш своето место во семејството, улогите што ги преземаш и начинот на кој ја доживуваш припадноста, те покануваме да ни се придружиш.

 


Повеќе информации за работилницата на следниот линк




 
 
 

Comments


Добивај ги следните едукативни содржини за ментално здравје

Се читаме наскоро! 

Заследи нѐ

  • Instagram
  • Facebook

© 2025 Created by KTD

bottom of page