СЕГА или НИКОГАШ - Моќта на сегашниот момент
- Филип Неделковски
- Sep 9
- 3 min read
Updated: Sep 17
Замисли дека стоиш на раскрсница. Зад тебе е патот на сите твои спомени – радости, болки, загуби, успеси. Пред тебе е патот на иднината – исполнет со неизвесност, надежи и стравови.
А таму каде што си токму сега, на оваа точка – таму е твојот вистински живот.
Иако често забораваме, сегашниот момент е единственото време кое реално постои.
Минатото е меморија, иднината е фантазија, но сегашноста е простор во кој можеме да се сретнеме со себе, да направиме избор и да се трансформираме.
Зошто бегаме од сегашниот момент?

Многумина по одреден стресен настан, како со отказот во случајот на клиентот кој го разработувавме во претходниот блог , живеат во маѓепсан круг:
повторно и повторно го анализираат она што се случило,
или ја катастрофизираат иднината што сè уште не дошла.
Клиентот постојано се враќа на отказот од старата работа, и со тоа ја храни сопствената анксиозност. Стравува дека истото ќе му се повтори и на новото место.
Сите би му рекле:
👉 „Престани да мислиш! Живеј го животот сега и тука!“
Но, реалноста е дека тоа не е толку едноставно. Живеењето во сегашниот момент не е прекинувач што можеме да го вклучиме или исклучиме. Тоа е пракса. Тоа е уметност на присуство.
Што ни носи сегашниот момент?
Можеби првата мисла е дека ако живееме во сегашноста ќе бидеме порелаксирани, посреќни и поспокојни. Тоа е вистина, но не е целата приказна.
Сегашниот момент е многу повеќе од чувство на мир. Тој е:
Место на контакт – единствениот простор каде што можеме да стапиме во вистинска врска со себе, со другите и со светот околу нас.
Место на свесност – каде што можеме да ги истражиме своите мисли, чувства и телесни сензации.
Место на трансформација – бидејќи само овде и сега можеме да одлучиме да направиме нешто поинаку.
Минатото во сегашниот момент
Минатото само по себе не е проблем – проблем е кога сме заробени во него.
Ако можеме да го донесеме во сегашноста, тоа станува ресурс:
можеме да ги видиме старите искуства од нова перспектива,
да научиме нешто од нив,
да ослободиме енергија која долго време била врзана во вина, срам или болка.
Иднината во сегашниот момент
Иднината, исто така, може да биде тешка кога е исполнета со стравови. Но кога ќе ги донесеме стравовите во сегашноста:
можеме да ги препознаеме своите стравови,
да ги разбереме пораките што тие ги носат,
и да одлучиме што сакаме да правиме со нив.
Анксиозноста како порака
Во случајот на клиентот- тој ја открива вистинската природа на анксиозноста кога се соочува со неа во сегашноста. Таа му вели:
„Сакам да те заштитам од уште една болка.“
Анксиозноста е еден вид аларм. Ако постојано ја игнорираме или се бориме против неа, таа станува се погласна. Но ако ја слушнеме – во сегашниот момент – можеме да ја разбереме нејзината порака и да ја трансформираме во сила.
Само во сегашниот момент...
Клиентот може да увиди дека обрасците како „Морам да бидам совршен за да ме сакаат“ ја хранат неговата анксиозност.
Може да ја претвори анксиозноста од тежина во ресурс – ѓубриво за личен раст, наместо ѓубре што треба да се отфрли.
Може да избере дали ќе живее во страв или во љубопитност, во отпор или во прифаќање, во самокритика или во самосострадание.
Сегашниот момент како простор за раст
Живеењето во сегашниот момент не значи да заборавиме на минатото или да се откажеме од иднината. Тоа значи да ги интегрираме – да ги донесеме тука, во свесноста, и да избереме што ќе направиме со нив.
✨ Во сегашноста се раѓа увидот.
✨ Во сегашноста започнува промената.
✨ Во сегашноста се отвора патот кон раст и трансформација.
Навистина е – СЕГА или НИКОГАШ.
Прашање за тебе
❓Што за тебе значи живеењето во сегашниот момент?
Како тоа ти помага да живееш подобро?
Сподели во коментар – твоето искуство може да инспирира некого друг.
Ако сакаш да дознаеш повеќе...
📩 Приклучи се на нашиот Newsletter подолу на формата и добивај ги следните блог-текстови.
🧘 Пополни го нашиот краток прашалник за анксиозност и веднаш добиј аудио вежба за релаксација и враќање во контакт со себе.
🌱 Во наредниот блог ќе истражиме како клиентот може да го искористи сегашниот момент како шанса да стапи во подлабок контакт со својата анксиозност и да ја истражи нејзината вистинска порака.
Ти посакуваме убав и мирен ден!
Comments