top of page
Edukacija za Gestalt terapija.jpg

Едукација за Гешталт терапија

Пред започнување со искуствено – едукативниот тренинг од Гешталт терапија предвидени се неколку општи (генерални) услови кои кандидатите е неопходно да ги исполнуваат. Предвидените
услови за вклучување во едукативните групи се во склад со утврдените критериуми од Европската асоцијација за Гешталт терапија (ЕАГТ) како и со специфичните критериуми на Македонската Национална Асоцијација за Гешталт Терапија (МНАГТ-Контакт). 
Условите за стекнување на правото кандидатот да се вклучи во тренинг групите и да се здобие со диплома за Гешталт терапевт кој клинички ќе ја применува Гешталт терапијата според стандардите на Европската асоцијација за Гешталт терапија (ЕАГТ) се следните:

  •  Да има завршено или да студира на факултет за психологија, социјална работа и политика, педагогија, дефектологија и други слични хуманистички професии;

  •  Да има завршено или да студира на медицинскиот факултет односно да е на специјалистички студии по психијатрија;

  • Да има завршено или да студира на додипломски или магистерски студии од областа на хуманистичките професии;

  • Да е психофизички здрав;

  • Да е холистички и хуманистички ориентиран;

  •  Да има одредени познавања и увид во други психолошки правци, теории и психотераписки пристапи;

  • Подготвеност за прифаќање и придржување кон критериумите на тренинг програмата и Етичкиот кодекс на СХС.

За неклиничка примена на Гешталт терапијата, во склад со Универзалната декларација за човекови права, сите луѓе кои имаат потреба да се вклучат во Гешталт искуствено – едукативните тренинг групи и да работат на сопствен раст и развој како и професионално да се надградуваат, СХС им нуди можност да стекнат дипломи за Гешталт советник. Во овој случај следните услови треба да се исполнети:

  • Да е психофизички здрав;

  • Да е холистички и хуманистички ориентиран;

  • Подготвеност за прифаќање и придржување кон критериумите на тренинг програмата и Етичкиот
    кодекс на СХС.

1.1 Искуствено - едукативна тренинг програма

Целите на искуствено – едукативната тренинг програма се првенствено насочени кон специфичностите на Гешталт теоријата и Гешталт терапијата, што не ги исклучува и другите психотераписки теории и нивните специфичности. Членовите на групите се мотивираат и поттикнуваат најпрво низ лично искуство односно низ сопствен процес да ја доживеат Гешталт теоријата и терапевтскиот процес. Низ лична работа на себе ги учат базичните Гешталт поими (контакт, граници на контакт, свесност, хоризонтален однос, дијалог, феноменологија, организмичка саморегулација) и го разбираат сопственото психолошко и социјално поле во кое живеат и начинот на кој функционираат во истото. За да се остварат целите на искуствено – едукативната тренинг програма е направена во траење од четири до пет години и ги опфаќа следните елементи:

1. Индивидуална психотерапија:

  • Индивидуален сетинг

  • Групен сетинг

2. Теорија и методологија:

  • Искуствено учење и предавање

  • Гешталт теориски семинарни предавања

  • Гешталт теориски семинари со надворешни тренери

3. Клиничка пракса со релани клиенти:

  • Индивидуално, група, парови, фамилии и мешавина од сите наведени

4. Супервизија:

  • Индивидуална супервизија

  • Групна супервизија

5. Други активности:

  • Презентација и превод на книги и списанија, учество на гешталт интернационални конференции и конгреси, индивидуална психотерапија и супервизија

  • Осум есеи во период од 4 години: презентација

  • Презентација на теорија како завршен испит од прва фаза- базично ниво

  • Презентација на студија на случај како дел од завршниот испит од втора фаза- напредно ниво

  • Повремени студентски групи без присуство на тренетите

Целата програма изнесува 1450 часа, не сметајќи ги часовите потребни за читање литература, пишување на есеи, превод, приказ на теорија и студија на случај. Четири годишната искуствено-едукативна програма се одвива во два дела (прва и втора фаза).

Прва фаза- базично ниво

Во оваа фаза се работи на учење на групна култура, на градење на доверба во групата, психодинамика во групата, сопствени групни правила, справување со сопствената возбуда зборувајќи за себе пред други, работа на себе, споделување со другите, учење на давање и примање на фидбек, учење на почитување и на прифаќање на различноста на секој член на групата, разбирање на хоризонталниот однос и дијалогот. Особено значајно во овој период е сите членови на групата да ја доживеат и разберат моралната, етичка и хумана компонента на нивната идна професија – Гешталт терапевт. Овој процес на учење се одвива преку употреба на Гешталт техники како експериментирање, спонтаност, дијалог, поддршка од Гешталт тренерите за целата група и на секој едукант поединечно. Во оваа фаза едукантите се запознаваат и со Гешталт теоријата и практиката користејќи ја Гешталт литературата. Доколку на овие базични постулати не се стави акцент и не се даде поддршка на едукантите да пробаат и да експериментираат ќе биде попречена втората фаза на едукацијата.

Втора фаза- напредно ниво

Во напредните групи повторно се дава предност на тоа едукантите да ја практикуваат улогата на терапевт помеѓу себе преку многубројните Гешталт техники, го учат терапискиот процес зборувајќи и дискутирајќи за истиот после секоја лична работа, ги супервизираат своите тераписки работи со реални клиенти, пишуваат студија на случај, добиваат поддршка од тренерите, индивидуалните терапевти и супервизорите да развијат свој личен стил на работа, тренираат улога на водач на група, ја имплементираат Гешталт теоријата во Гешталт дијагностиката.

1.2 Теорија и методологија

Искуствено – едукативната тренинг програма на СХС е во склад со критериумите за Гешталт едукација на ЕАГТ. Тренингот е поделен на 4 години и едукацијата се спроведува низ континуирана неделна и месечна работа, семинари и работилници од страна на Гешталт тренерите на СХС како и од надворешните соработници и супервизори. Едукантите имаат пристап до литературата која им е
неопходна како за базичното ниво така и за напредното ниво од Гешталт едукативната тренинг програма.

Наставна соджина:
1. Теоретски основи и историја на Гешталт теорија
2. Основни принципи на Гешталт теорија
3. Човечки организми и околина
4. Техники на Гешталт терапија
5. Дијагностика во Гешталт терапија
6. Различни клинички теми
7. Поле и стратегии на апликација
8. Гешталт терапевт во терапевски однос
9. Принципи и апликација на етика
10. Истажувачки методи во Гешталт терапија

 

1.3 Процена на знаењето

Процената на едукантите се прави после секоја година од тренинг програмата. Во првите три години процената е вербална и се состои од: самопроцена, процена од членовите на групата и процена од страна на тренерите. Процените се однесуваат на континуираното присуство и целите на секоја година. Врз основа на овие два елементи на едукантот му сѐ соопштува дека потребно е да доработи нешто, да го повтори или му се предложи некое друго ангажирање во зависност од природата на тоа што е неопходно да го доработи. Проценувачи се најмалку два тренера (сениор тренерот и уште еден) и два или три набљудувачи кои се членовите на групата.

Процената се состои од:

  • Самопроцена

  • Процена во група едуканти

  • Процена од тренер, терапевт и/или супервизор

Процената се прави во склоп на континуирано присуство на состаноци и исполнување на целите специфицирани за секоја година на тренинг. Базирано на овие два елементи, сениор тренерот и другите тренери даваат фидбек кон студентот за успехот во програмата и препорачуваат одредени теми на кој може да работи дополнително. Тие му даваат на студентот поддршка и охрабрување за да продолжи да работи во склоп на програмата и да даде сè од себе.

1.4 Европски сертификат за Гешталт психотерапија

Бидејќи психотерапијата има почеток а нема крај, терапевтот по добивањето на сертификат за Гешталт терапевт треба да го продолжи својот професионален и личен раст и развој. Европскиот сертификат за Гешталт терапевт се обновува секои 5 години. Во овие 5 години терапевтите треба да имаат 70 часа континуирана едукација.

Тоа значи следново:

  • 20 часа на супервизија

  • 30 часа присуство на конгреси, семинари, курсеви, работилници

  • 20 часа интервизија, учество во групи на колеги чија професија е Гешталт терапевт, пишување за Гешталт т.е. научна работа. За сите овие активности се потребни пишани документи (потврди).

  • Членство во МНАГТ како индивидуален член

  • Членство во ЕАГТ како индивидуален член

Во текот на програмата едукантите стануваа членови на Македонската асоцијација за Гешталт терапија-Контакт и по завршување на тренингот членството трае доколку се плаќа годишната членарина.

По добивањето на сертификатот за Гешталт терапевт постои можност за индивидуална апликација за Европски сертификат за Гешталт терапија (European Certificate of Gestalt Psychotherapy) и
Европски сертификат за психотерапија (European Certificate for Psychotherapy). Детали за индивидуална апликација може да се најдат на: 
https://eagt.org/home/

© 2025 Created by KTD

bottom of page