top of page
Search

Има ли лек за анксиозноста?

Updated: Dec 17

  • Престани!!! Не можам да живеам нормално од тебе! 


Анксиозноста: Но, нешто не е во ред. Ова срцебиење е опасно.


  • Престани! Сите медицински се нормални. Не можам да се фокусирам од тебе.


Анксиозноста: Внимавај! Ќе згрешиш ќе ја изгубиш работата!


  • Заради тебе ќе ја изгубам работата!


Анксиозноста: Ако ја изгубиш работата, како ќе преживееш?


  • УФ ми го уништуваш животот! Сакам да те снема, да излезам од овој црн круг и да бидам старата јас.


Анксиозноста: А пеглата да не ја заборави или шпоретот?


  • НЕ! Не нѝ користам пегла!


Анксиозноста: Не се секирај, ќе те потсетам пак вечер кога ќе пробуваш да спиеш.


Од овој внатрешен дијалог лесно можеме да препознаеме дека личноста е во војна со анксиозноста. Ја чувствува како непријател и сака да ја отстрани. Овој однос личи на борба. 


Дали ваквиот однос кон анксиозноста помага ?


Ќе одговориме до крајот од текстот.


Додека си тука провери го интензитетот на твојата анксиозност на овој линк


  1. Лекување = борба


Човечки е кога ќе се појави негативно искуство како анксиозноста да сакаме да го избркаме од нас. Да го отфрлиме стравот и да избегаме од симптомите. 


ree

Тоа го правиме несвесно, по автоматизам. Нашиот прв импулс е да се ослободиме од непријатните искуства и да ја “излекуваме” анксиозноста.


Да се вратиме таму каде што бевме пред неколку месеци или години. Да бидеме тоа што бевме без неа.


Но, токму обидот да ја излечиме анксиозноста создава “Борбен” однос со неа.


А, таквиот однос ја прави уште посилна.


Дали си подготвен/а за нов однос со анксиозноста?


  1. Нов однос со анксиозноста


Во Гешталт психотерапијата анксиозноста не се гледа како наш непријател.


Напротив се гледа како дел од нас. Дел кој несвесно сме одлучиле да го отуѓиме, потиснеме и прогласиме за непожелен.


Анксиозноста сепак е наша, не е туѓа. Таа доаѓа од нашиот организам не од надвор. Не нѝ ја дал некој, ниту пак може некој да нѝ ја одземе.


Анксиозноста е дел од нас за нас. Содржи важни информации за нашите потреби и имаме одговорност како ќе се однесуваме со неа. Со отпор или разбирање.


Низ Гешталт психотерапијата учиме како да креираме нов однос со анксиозноста. Наместо да ја отфрламе - учиме да воспоставиме контакт кој ќе нѝ овозможи да ја разбереме и интегрираме во нашиот живот.


ree

Новиот однос со анксиозноста значи да ја погледнеме за прв пат без осуда. Да ја запознаеме и истражиме со љубопитност. 


Наместо да се бориме да ја излекуваме - целта е да ја прифатиме, разбереме и интегрираме.


Да создадеме простор каде што ќе може конечно да нѝ ја открие нејзината приказна - зошто е таа тука за нас ? 


ree

3. Интеграција наместо лекување


Интегрирање на анксиозноста значи да ја препознаеме како дел од нас, наместо како нешто туѓо од кое сакаме да се ослободиме.


Наместо да се обидуваме да ја излечиме и елиминираме - целта е да ја разбереме и интегрираме во нашето секојдневие.


ree

Кога се обидуваме да ја излечиме анксиозноста - по автоматизам таа станува нешто што сакаме да го поправиме или отстраниме. 


Но, анксиозноста е резултат на нашите потиснати потреби, емоции и граници. Во анксиозноста се кријат сите информации за нашите автентични потреби.


Се додека не ја слушнеме, таа ќе не потсетува на нашите потиснати потреби преку симптоми, стравови и грижи.


Интеграцијата во Гешталт може да се изведе преку Свесност, Дијалог и Интеграција.


1.Свесност


Кога ќе се појави стравот “Нешто навистина не е во ред. Овие симптоми се опасни.”

 - личноста почнува да забележува што ѝ се случува во телото.


Без осудување забележува дека овој страв предизвикува забрзано срцебиење, намален фокус и грч во мускулите. Ги набљудува симптомите со љубопитност, наместо страв. 


2. Дијалог 


Откако ќе стапи во контакт со стравот и физичките симптоми - продолжува со техники на дијалог со нив. Преку дијалогот ќе дојде до свесност дека тие доаѓаат од минат настан.


Можеби минато искуство каде што нејзина блиска личност имала здравствен проблем.

Сега анксиозноста се обидува да ја заштити за да не ѝ се случи нешто слично со тоа што ќе ја предупреди преку симптоми.


3. Интегрирање


Сега со нови свесности анксиозноста повеќе не е непријател. Напротив таа станува водич кон подобро запознавање на своите стравови и можност за раст и развој на личноста.


ree


Клучна поента


Да се навратиме на дијалогот од почетокот на блог текстот. Како би изгледал по интеграција на анксиозноста.


Анксиозноста: Повторно ова срцебиење. Можеби нешто не е во ред.


  • Здраво, те чувствувам како стегање во градите. Добредојде пак :)


Анксиозноста:  Да, да! Сакав само да ти напоменам дека можеби нешто не е во ред со срцето. 


  • Ти благодарам што се грижиш. Разбирам дека твојот страв доаѓа од минатото и сакаш да ме заштитиш. Но, јас сум 100% здрава. Тоа го потврдуваат наодите.


Анксиозноста: Па добро, само сакав да проверам. За секој случај.


  • Знам. Ти си како аларм што не може да се исклучи. Корисна си, ама малку прегласна. Но, тоа ми пречи во работата.


Анксиозноста: Епа ако не сум гласна, нема да ме слушнеш.


  • Еве те слушам. Можеби можеш да зборуваш понежно. Да се смириш малку, сега кога работам?


Анксиозноста: Добро… ќе пробам. А вечер да те потсетам на пеглата?


  • Само ако до тогаш одлучам дека ми треба пегла во животот.


Анксиозноста: Договорено. 


Ако го споредиме дијалогот на почеток од блогот и крајот - ќе забележиме дека односот кон анксиозноста е различен.


Во првиот е очигледна борбата и отпорот кон анксиозноста, додека во вториот може да забележиме сочувствителен дијалог помеѓу личноста и анксиозноста.


Кога го менуваме односот кон анксиозноста - таа конечно добива место во нашиот живот. Конечно се чувствува дека нејзината порака е слушната.


Тогаш нејзиниот интезитет се намалува, а ние живееме со поголема контрола, мир и слобода. Не исчезнува целосно, но станува мек сигнал, не аларм.


Затоа во Гешталт психотерапијата не целиме кон лекување на анксиозноста, туку кон интегрирање и воспоставување на нов однос.


Тој процес не се случува веднаш - бара време и трпение. Но, на долг рок е најефикасен во во нашата намера да живееме помирно, задоволно и среќно.



ree

Прашања за рефлексија


  1. Што се случува во мене кога се обидувам да ја отфрлам анксиозноста, стравот или симптомот?


  2. Што е мотивот зад тоа? Страв? Срам? Желба за прифаќање?


  3. Дали мојата анксиозност се појавува токму таму каде што постои јаз помеѓу тоа што навистина сум и тоа што мислам дека треба да бидам?


Важно: Овој текст има едукативна цел и не претставува замена за професионална психолошка или медицинска помош. Ако стравовите и анксиозноста значително влијаат на вашиот секојдневен живот, препорачуваме консултација со лиценциран психолог или психотерапевт. Доколку ви е потребна поддшка од психотерпавет контактирајте не на shs.gestalt@gmail.com


За крај, провери го интензитетот на твојата анксиозност на следниот линк


📩 Доколку сакаш да добиваш содржини за подобро ментално здравје приклучи се на нашиот Newsletter подолу на формата.


Се читаме!


🔁Не заборавај да го споделиш овој пост – некому може да му биде од корист.

 
 
 

Comments


Добивај ги следните едукативни содржини за ментално здравје

Се читаме наскоро! 

Заследи нѐ

  • Instagram
  • Facebook

© 2025 Created by KTD

bottom of page