top of page
Search

Можеш да си опкружен со луѓе, а сепак да се чувствуваш сам

Oct 20
6 min read

Замислете дека поминувате низ тежок период. Можеби долго време не можете да најдете работа, не успевате да најдете партнер/ка, се соочувате со загуба или имате близок член на семејството кој се бори со тешка болест.


Во меѓувреме, животот околу вас продолжува. Луѓето работат, се заљубуваат, прават планови и ги споделуваат своите успеси. На прашањето „Како си?“, одговарате дека сте добро, иако зад тој одговор се кријат страв, тага, разочарување или неизвесност.


Можеби сте опкружени со луѓе, но немате простор да зборувате за она низ што навистина поминувате. Можеби се плашите дека ќе ги оптоварите другите, дека нема да ве разберат или дека повторно ќе добиете совет кога, всушност, ви е потребно само некој да ве сослуша.


Затоа што, можеш да бидеш опкружен со луѓе, а сепак да се чувствуваш сам.



Осаменоста не секогаш значи дека немаме никого покрај себе, туку дека немаме доволно простор да бидеме искрени за она што го чувствуваме и тоа што ни се случува.


Во свет кој постојано нè поттикнува да бидеме силни, продуктивни и да продолжуваме понатаму, понекогаш забораваме колку ни е потребна вистинска човечка поврзаност - простор во кој не мораме да се преправаме дека сме добро, ниту веднаш да најдеме решение.


Понекогаш, поддршката не е во тоа да му покажеме на другиот како да продолжи, туку да му дадеме простор да биде тоа што е, да се почувствува разбран и да се почувствува дека не мора да поминува низ сè сам.


Групата има свој живот


Во група се чувствуваме добро кога можеме слободно да се изразуваме без да се воздржуваме и при тоа како дел од групата, со нејзина подршка можеме да најдеме начин да ги задоволиме своите автентични потреби. Кога се чувствуваме прифатени такви какви што сме со сите наши „добри“ и „лоши“ страни тогаш групата ја чувствуваме како своја.



Но, секоја група, било да е семејство, друштво, работен тим или заедница, има свој идентитет. Има свои правила, пишани и непишани, своја историја и свои улоги. Групата функционира како една целина во која секој дел/член има своја функција.


Кога контакт помеѓу двајца или повеќе членовите во групата е прекинат се нарушува целата динамика и се менува функционирањето на групата. Прекинот на контакт може да доведе до неможност на поединецот во групата да ја врши својата функцијата и со тоа се менуваат потребите. Се повеќе до израз доаѓаат индивидуалните потреби а потребите на групата како целина паѓаат на второ место.



Оваа динамика доведува до чувство на незадоволство од групата како целина и постепено поединецот почнува да го преиспитува своето место и припадност во групата.  


Може да се јават чувства на фрустрација, осаменост и изолираност, дека не сме разбрани од другите во групата и групата престанува да ја врши функцијата за нас.


Тоа чувство често нè тера да се повлечеме и изолираме. Да решиме дека групата не е безбедно место за нас, дека немаме бенефит од неа и престануваме да бараме контакт со членовите на таа група.


Колку подолго трае оваа состојба толку повеќе осаменоста може да се продлабочува.


Но без контакт нема група


Човекот е социјално суштество. Ние не сме создадени да функционираме во интеракција со нашата средена,вклучувајќи ги и другите луѓе. Секој организам е динамична единка која постојано се менува и има различни потреби. За да задоволиме голем дел од нашите потреби потребно е да бидеме во контакт со средината и другите.


Да разменуваме информации, да бареме и нудиме подрдшка, да постои размена на содржини, материјални и нематеријални. 


Од гешталт перспектива, контактот не е само размена на муабети и информации. Тоа е вистинска средба меѓу мене и другите, контакт во кој јас ги препознавам своите потреби и чувства, а другиот е присутен за нив без да ме осудува- и обратно.


Предуслов за збир на луѓе да формираат група е истите да имаат заедничка цел и автентичен вистински контакт. Група без контакт е само збир на луѓе во иста просторија или во даден дигитален простор кои што имаат свои индивидуални цели и потреби.


Динамиката на групата, нејзиниот живот и смисла, ја создаваат луѓето преку тоа како се среќаваат, како се јавуваат, како се носат кога нешто тргнува наопаку и што прават кога контактот ќе се прекине.


Во време кога сме поврзани преку најразлични начини преку социјални мрежи и дигитални медиуми се поставува прашањето кој е квалитетот на контактот кој секојневно го остваруваме. Колку тој контакт е автентичен и целосен кога се случува преку дадено средство за комуникација а не е непосреден.


Колку сме присутни во тој контакт, колку можеме да добиеме и дадеме, кои се ограничувањата и што кога воопшто нема контакт па макар и непосреден?


Што можеме да направиме кога чувствуваме дека не припаѓаме?


Добрата вест е дека групата не е нешто кое што е статично и не се менува. Таа сама по себе е жив организам што постојано расте, се развива и се менува преку контактот меѓу луѓето во неа. Тоа значи дека и ние имаме моќ да влијаеме и да бидеме дел од тие промени.


  1. Свесност за сопствените потреби, местото и функцијата во групата. Кога се соочуваме со некое чувство на незадоволство, најчесто тоа е сигнал дека некоја потреба не е задоволена. Пред да ја изразиме нашата потреба во групата, можеме да застанеме и да провериме: Што претставува оваа група за мене? Што добивам, а што давам јас во оваа група? Која и каква е мојата интеракција со членовите на оваа група? Одговорите на овие прашања можат да ни дадат увид во тоа што всушност ни е потребно и дали тоа е потреба која што некако е поврзана со групата во која што припаѓаме. Потребите кои се поврзани со групата можат да бидат различни, потреба да бидеме прифатени, слушнати, разбрани, можеби подржани или едноставно да се чувствуваме безбедно помеѓу дадена група луѓе. Колку појасно ја препознаваме потребата, толку е поголема шансата да ја изразиме и задоволиме во некоја група.


  1. Второ, избор на вистинската заедница. Не секоја група може да ја задоволи секоја наша потреба, и тоа не е личен пораз ниту за нас, ниту за другите од групата. Некоја група постои да ги задоволи нашите професионални потреби, некоја потребите за личен раст, друга за забава итн. Кога ќе го разбереме ова, полесно функционираме во групата постои јасност за нашата улога во истата и функцијата на групата за нас. Наместо фрустрација, лутина или заглавеност, постои свесност за потребата и ресурсот кој постои за таа потреба да биде задоволена. За различни потреби можеме да се потпреме на различни групи/заедници.


  2. Свесност за прекинот на контактот. Каде се случува? И што значи тоа за мене и за целата група? Понекогаш може да дојде до прекини во контактот со групата или во групата, тоа е сосема нормално. Важно е што правиме потоа. Дали јас се повлекувам и го прекинувам контактот и зошто тоа ми е потребно? Или можеби постои прекин во контактот помеѓу други членови, кој што влијае врз моето функционирање во групата? Дали тоа создава фрустрација, заглавеност, лутина или можеби некоја друга емоција? И како јас ова го комуницирам или не го комуницирам со целата група?


  3. Четврто, прифаќање на себе и на другите. Најпарадоксалното од сè е што промената започнува кога ќе се прифатиме онакви какви што сме и ќе ја прифатиме групата таква каква што е со сите придобивки и предизвици кои ги носи. Кога ќе се пројавиме автентично, а групата го прифати тоа, расте чувството на припадност во групата и индивидуалната потребата се менува. Прифаќајќи ја групата таква каква што е со сите нејзини членови такви какви што се, создаваме група во која и другите можат да се чувствуваат безбедно.


  4. Придонес кон групата. Во секоја група ние сме активни учесници. Начинот на кој остваруваме контакт, се изразуваме и слушаме ја обликува групата од која сме дел. Секој мал чекор кон отвореност го прави просторот побезбеден и за нас и за другите.


Ништо од ова не бара да сме сите исти, ниту да се приспособуваме по секоја цена. Бара повеќе свесност и разбирање за групата, нејзината функција и цел.


Свесност за индивидуалните потреби и потребите на групата како целина, свесност за контактот или недостатокот на истиот во истата. Контактот е тој што ја одржува една група жива и ја прави тоа што е.


Од увид до искуство


Можеби наважно од се е прашањето како избираме да дејствуваме откако ќе дојдеме до сите овие свесности и увиди. 


Затоа ве поканувам на мојата следна работилница "Моето место меѓу другите" на 29.10.


На работилницата ќе можете:


  • Да ги препознаете своите актуелни потреби или очекувања до дадена група од која што сте дел.

  • Да ја препознаете својата улога во истата.

  • Да проверите како воспоставувате или не воспоставувате контакт со членовите на истата или можеби да препознаете каде постои прекин на контакт во групата и што значи тоа за вас.

  • Да проверите која е функцијата на оваа група за вас во овој момент и што би ви помогнало да бидете дел од неа со целата ваша автентичност.


Повеќе информации за работилницата на следниот линк




 
 
 

Comments


Добивај ги следните едукативни содржини за ментално здравје

Се читаме наскоро! 

Заследи нѐ

  • Instagram
  • Facebook

© 2025 Created by KTD

bottom of page