Зошто пост-ковид екстремниот замор беше најдобро нешто што ми се случило?
- Филип Неделковски

- 3 days ago
- 6 min read
Updated: 2 hours ago
Почеток на 2021. Живеев и дишев за да фотографирам. Сè што сакав беше да ги документирам најважните настани во животот на луѓето. И бев на милиметар да го живеам тој сон.
Но, во еден момент престана сè. Се случи Ковид - 19 пандемијата. Свадбите и прославите се откажуваа една по една. Никому не му требаше фотограф.
Но, тоа не беше најтешкото.
Откако ја надминав Ковид инфекција се појави екстремен замор.
Не можев да излегувам. Не можев да работам. А најтешко од сè — не можев ни да фотографирам.
Повеќе од 2 години немав сила да кренам фотоапарат во рака. Немав капацитет да гледам подолго од 10 секунди во една фотографија. Сензитивноста на мојот нервен систем беше преголема.
Цел мој свет се рушеше. Планот А пропаѓаше.

Толку бев збунет. Се прашував:
“Зошто мене ми се случува ова? Ова не требаше да се случи!
Толку години вложував… и вака ли да заврши се? Ова не беше планот!”
Очајно сакав да се вратам што побрзо на старата патека. Но, колку поцврсто се држев за минатото, толку повеќе тоа ми носеше страдање. Анксиозност. Тага. Лутина. Чувство на бесмисленост.
Си велев, “Aко постои некаква сила што ги движи работите, ова навистина нема смисла.”
2 години нема излез, нема лекција, нема значење.
И тогаш - кога најмалку очекував тивко и ненаметливо, почна да се раѓа нешто ново.
Нова смисла.
Нов правец.
Нов план.
План Б.
Ќе го раскажам планот Б на крајот од текстот.
Додека си тука провери го интензитетот на твојата анксиозност на овој линк
Проблемот со Планот А
Пред 2500 години Буда открил една вистина за човечкото страдање:
страдаме кога се приврзуваме — за искуства, луѓе, идентитети и очекувања кои по својата природа се непостојани и кршливи.
Што значи тоа во секојдневен живот?
Некаде во детството и адолесенцијата општеството нѝ подарува “скрипта за среќен живот” - план:
Заврши образование до 22.
Успешна кариера до 30
Влези во брак до 30
2 деца до 35
4 внуци
Пензионирај се
Ова е Планот А.
Проблемот со овој план е тоа што реалноста ретко се движи според него.
Често се случува животот да го скрши.
Личноста со која сме верувале дека ќе останеме до крај — си заминува.
Сакаме да имаме деца, но не можеме.
Сонуваме за кариера, но околностите го спречуваат тоа.
Кога нашите планови ќе се судрат со суровата сила на реалноста, ние сме шокирани.
И токму во тој судир меѓу очекувањата и новата реалност се појавуваат болката, анксиозноста, депресијата, апатијата и тагата.

Во тие моменти помислуваме
“Како е ова можно? - Ова не смееше да ми се случи мене. Не сакам да поверувам, сакам да се врати времето. Сакам да биде по мое. По планот. По план А”
Но животната „тупаница“ не доаѓа сама.
Често ѝ се придружуваат и канџите на општеството.
Преку погледи, споредби и тивки осуди ни порачува:
„Ако не успеа да изградиш живот според правилата — нешто не е во ред со тебе.“
Притисокот расте.
Самокритиката се засилува.
Па почнуваме да се прашуваме:
„Зошто јас?“
„Што не е во ред со мене?“
Плачеме. Се лутиме. Се бориме со реалноста.
Имаме силен отпор кон она што е.
Се држиме за минатото.
Не го пуштаме Планот А.
Остануваме таму — иако длабоко во себе знаеме дека веќе е крај.
И токму тоа држење, таа неможност да пуштиме, создава најмногу страдање.
Анксиозност.
Депресија.
Застој на животната енергија.
Запира сè.
Сè додека не почнеме да се отвораме за можноста дека можеби…
животот има друг план за нас.
План Б.
Имаш право на План Б
Ретко кој животот го поминал со успешно реализирање на Планот А.
Повеќето од нас, порано или подоцна, го доживуваат крајот на некоја надеж, сон или очекување.
Некој сакал да стане спортист, но условите во државата го задушиле сонот.
Некој сакал да влезе во брак, но не успеал да го наде вистинскиот човек
Некој сакал деца, но не можел да го исполни тој сон
Нема потешко од тоа да се надеваш и очекуваш – а животот да не ти испорача.
Но, дали животот навистина има обврска да нѝ ги испорача сите наши очекувања?
Или можеби е поважно прашањето:
што животот во овој момент очекува од нас?
Очекува ли да прифатиме нов план?
Каков е тој план?
Кога ќе се појави?
Дали воопшто ќе го препознаеме?

Нормално е да сме збунети.
Нормално е да се чувствуваме депресивно и очајнички додека го бараме тој „скриен мускул“ за креирање на нова приказна.
Тоа е во ред.
Тоа е човечки.
Тоа е зрело.
Но, многу е важно во тие моменти да се потсетиме дека како возрасни, имаме огромен капацитет за прилагодување.
Да затвориме една врата за да отвориме друга.
Да пуштиме нешто што повеќе не нѝ служи — за да создадеме нешто ново.
Неуспехот со планот А не значи дека не вредиме. Не значи дека сме проколнати, неуспешни или неспособни.
Едноставно – Планот А не секогаш успева.
Не само за нас, туку за многу од нас.
Можеби ќе биде подобро да го напуштиме партнерот,
Професијата која долго ја градевме
или градот, улогата или идентитетот
Можеби навистина постои нешто посоодветно за нас.
Многу други почнале нешто ново. Често нешто подобро.
Мојот план Б
Да се навратиме на мојата приказна.
Некаде во најтемните моменти се појави решението. Конечно сфатив што го предизвикува мојот екстремен замор.
Мојот замор и сензитивност беа под директно влијание на моите мисли, уверувања, емоции и однесувања.
Со поголема свесност за своите шеми на размислувања, чекор по чекор почнав за закрепнувам.
Откако ја вратив силата пробав да се вратам на Планот А (планот за фотографијата)

Но, колку и да се трудев, работите повеќе не се движеа со истата динамика и енергија.
Околностите беа променети.
Јас бев променет. Долгата пауза си го направи своето.
И некаде во позадина, тивко, но упорно, почна да се обликува Планот Б.
Низ процесот на закрепнување сфатив колкава моќ има умот врз телото — и врз целиот наш живот.
Дознав за алатки, практики и знаења од психотерапијата што ми помогнаа да го разберам сопствениот внатрешен свет и да изградам подобро ментално здравје, а со тоа и физичко.
Дознав фасцинантни вистини за човечката психа и како сами се заглавуваме во нашите научени шеми на размислување и се доведуваме до проблеми со менталното здравје.
Сите тие искуства во мене родија силна желба:
да помогнам што повеќе луѓе да имаат пристап до информации и алатки за подобро ментално здравје.
Неочекувано во мојот живот се појави смислата и лекцијата која ја очекував.
Полека, но сигурно Планот А, стана План Б - планот Б, стана План А.
Па, дали сум задоволен со картите што ми ги подели животот?
Искрено, ДА!
Ако не се случеше Ковид до сега можеби ќе имав многу задоволни клиенти и документирани свадби. Можеби ќе имав поголема финансиска сигурност.
И иако сеуште уживам да фотографирам, овој живот навистина не би го менувал со тој.
Имам среќа да креираме нови содржини со Благица Р. Ваниќ и тимот на Гешталт Македонија. Содржини кои ќе помогнат на што повеќе луѓе да имаат подобро ментално здравје.
Имам среќа да се истражувам себе. Да ги согледам блокадите кои ме спречуваат да живеам автентично, слободно и мирно.
Имам среќа да сум во круг на луѓе кои недостасувале во мојот живот изминативе 35 години.
И на крај - имам свесност дека ако животот рече време е за План В, да ги отварам рацете широко.
Можеби твојот план А умира за да се роди подобар
Кога цврсто се држиме до нашите планови, идентитети, луѓе, а животот нѝ носи нешто ново - се случува анксиозност, депресија и тага.
Не затоа што со нас нешто не е во ред — туку затоа што реалноста не се совпаѓа со сликата за себе што сè уште цврсто ја држиме.
Животот, не секогаш има намера да одговара на нашите очекувања. Тој не нè прашува дали сме подготвени. Тој едноставно се движи.
Можеби токму тука е поканата:
да ја пуштиме контролата и да дозволиме да видиме што следно животот ќе нѝ донесе.

Како што другарка ми Ели често ќе ми каже: “Гледај го сето ова како танц. Танц меѓу околностите и желбите и замислите. Танц меѓу другите луѓе и тебе. Навистина е танц.”
Во тој танц, не мора однапред да знаеме кој е следниот чекор - следниот план.
Доволно е да веруваме дека ќе се појави.
И кога ќе се појави —да го препознаеме.
Да го прифатиме.
И да тргнеме кон него.
Можеби токму сега, додека го читаш ова, нешто во тебе веќе знае каде сака да те одведе животот. Можеби тој шепот е тивок, но постојан.
Слушни го и направи еден мал чекор. Чекор што е најлогичен во овој момент.
Не мора веднаш да градиш цел план.
Можеш уште малку да останеш со рушевините.
Да земеш едно мало камче од нив —и да почнеш од таму.
Така се раѓа твојот План Б.
Прашања за љубопитна рефлексија:
Кој беше мојот План А – и дали беше навистина мој, или наметнат од општеството?
Ако мојата анксиозност/тага можеше да зборува, што би ми кажала?
Дали можеш да си дозволиш да не знаеш што следува - и да бидеш ок со тоа?
Важно: Овој текст има едукативна цел и не претставува замена за професионална психолошка или медицинска помош. Ако стравовите и анксиозноста значително влијаат на вашиот секојдневен живот, препорачуваме консултација со лиценциран психолог или психотерапевт. Доколку ви е потребна поддшка од психотерпавет контактирајте не на shs.gestalt@gmail.com
📩 Доколку сакаш да добиваш содржини за подобро ментално здравје приклучи се на нашиот Newsletter подолу на формата.
Се читаме!
🔁Не заборавај да го споделиш овој пост – некому може да му биде од корист.








Comments