ЌЕ НАПРАВАМ СÈ ЗА ДА НЕ МЕ ОТПУШТАТ!
- Филип Неделковски

- 2 days ago
- 4 min read
Филип верува дека ако биде совршен работник ќе избегне уште еден отказ.
Ако му стане омилен работник на директорот ќе биде вреднуван и почитуван.
Но, дали тоа навистина е така? Ајде да го разгледаме неговиот случај и совршениот круг на неговата анксиозност.
Додека си тука провери го интензитетот на твојата анксиозност на овој линк
Следно:
Отказот и анксиозноста на Филип
Филип добива ненадеен отказ и влегува во епизода на анксиозни искуства. Симптомите и само-критиката се засилуваат, додека неговата самодоверба паѓа од ден за ден.
Некаде во маглата се отвара стара рана од минатото - “не вредам доволно”.
Сега отказот не е еден изолиран настан во неговиот живот - туку уште еден доказ дека тој не вреди. Овој настан кај него активира стара болка. Гласови од минатото кои му шепотат: “Не си доволно добар”.
Тоа чувство е болно и за да се заштити од истата болка во иднина решава:

Болката која ја носи од минатото дека не е доволно добар е толку силна - што ќе направи сѐ за да ја избегне.
Ќе направи сѐ само за да не се соочи повторно со таа рана, со тоа чувство на безвредност, празнина и осаменост.
Затоа креира нова одбрамбена стратегија - перфекционизам, се со цел да не прави никогаш грешки во работата и да не добие повторно отказ.
Но, перфекционизмот води кон тензија, анксиозност и парадоксално кон повеќе грешки.
Грешките пак одново го оживуваат чувството на безвредност— и така се креира совршениот круг на неговата анксиозност.

Перфекционизмот е всушност обид за контрола на околината
Ќе увидиме дека обидот да биде совршен има уште една функција за него - Контрола врз мислењето на директорот за него.

Но, колку ова е можно?
Дали може да го контролира мислењето на директорот за него?
Наместо фокусот да е на учење од грешките, тој се обидува никогаш повеќе да не ги направи. Да биде најдобар и да му стане омилен вработен на директорот.
Потсвесно верува дека ако биде совршен ќе има контрола врз неговото мислење за него и нема да добие критика или уште еден отказ.
Но, директорот може, но и не мора да одговори на неговите очекувања. Можеби нема капацитет, можеби не сака, можеби не му е нѝ важно.
Колку и да стане совршен - Филип нема никакви гаранции дека ќе му стане омилен вработен на директорот. Нема никакви гаранции дека нема да добие критика или уште еден отказ.

Во контакт со старата болка
Преку Гешталт терапијата во безбеден контакт Филип го става перфекционизмот на виделина - љубопитно го истражува ова однесување.
Со помош на терапевтот открива дека перфекционизмот не му носи мир и не произлегува од желба да даде повеќе — туку од страв да не згреши и да не се почувствува повторно безвреден.
Открива дека без разлика колку и да се труди не може да ја контролира околината, луѓето и настаните.
Открива дека токму тој страв од грешки и обидот за контрола врз светот ја хранат неговата анксиозност.

Понатаму низ сесиите, тој открива дека перфекционизмот има корен во минатото – во моментите кога неговата вредност била условена од резултатите: во школо, дома или меѓу врсници. Во време кога не можел да избере поинаку.
Ако ги немал сите петки, бил силно критикуван, па дури и обезвреднуван.
Ако не бил најдобар, бил прогласуван за помалку од другарот или соученикот.
Сите тие критики и споредби од околината кај него создале уверувања дека неговата вредност зависи од резултати, успеси и постигнувања. И секогаш кога нема да успее во нешто се активира чувството дека не е вреден.
Тоа уверување денес ја движи потребата да биде најдобар, совршен и безгрешен.
Но, со нова свесност, Филип е подготвен да експериментира со нов начин на живеење.
Да научи дека не мора да направи СЕ за да ја задржи работата. Дека е ново време. Дека може да биде корисен и вреден, без да биде најдобар, без да биде совршен вработен.
Да открие дека неговата вредност не ја дефинира еден неуспех, отказ или грешка.
Да научи дека љубовта не се заслужува со постигнувања и докажувања.
Да почне да се сака себеси пред другите да го направат тоа.
Да ја пушти контролата врз околината, да си дозволи да греши и да учи, да биде помалку совршен — а повеќе вистински јас.
Уверувањата од минатото, не мора да го контролираат нашето однесување денес
Можеби совршенството не е ниту можно, ниту потребно.
Можеби никој не нè научил дека вистинската цел е — да се прифатиме и сакаме себеси, со сите наши нијанси и бои.

Можеби можеме да ја најдеме вредноста во сегашниот момент, во секој обид, пад и секое станување - наместо во гласовите од минатото.
Можеби нашата вредност не зависи од една грешка или еден неуспех. Можеби сме многу повеќе од тоа.
Можеби никој не е совршен. Можеби скоро секој е збунет и носи мало дете кое сеуште се обидува да го разбере ова мистериозно искуство наречено живот.
Што велиш?

Прашања за љубопитна рефлексија
Што те мотивира повеќе – стравот да не згрешиш, или љубопитноста да научиш нешто ново?
Дали се обидуваш да ја контролираш околината и како го правиш тоа?
Ако би си дозволил/а да направиш грешка, што најлошо мислиш дека би ти се случило?
Колку често им ја даваш силата на другите да ја дисквалификуваат твојата вредност?
Важно: Овој текст има едукативна цел и не претставува замена за професионална психолошка или медицинска помош. Ако стравовите и анксиозноста значително влијаат на вашиот секојдневен живот, препорачуваме консултација со лиценциран психолог или психотерапевт. Доколку ви е потребна поддшка од психотерпавет контактирајте не на shs.gestalt@gmail.com
📩 Доколку сакаш да добиваш содржини за подобро ментално здравје приклучи се на нашиот Newsletter подолу на формата.
Се читаме!
🔁Не заборавај да го споделиш овој пост – некому може да му биде од корист.







Comments