top of page
Search

Само-поддршка кога сме анксиозни (Како да ја вратиме нашата сила?)

Updated: 2 days ago

Утрото ми започнува со грутка во градите. Уште пред да ги отворам очите, се појавуваат мислите: „Што ако не успеам?”, “Што ако ми се случи нешто?"


Дали ви звучи познато тоа утринско стегање, тој тивок немир? Тој секојдневен страв од бурата која не знаеме кога ќе дојде?


Но, што ако во себе го имаме она што нѝ треба за да ја издржиме секоја бура?


Нашата способност за само-поддршка во било кое време(невреме)


Како што имаме имунитет кој го чува нашето физичко здравје, така имаме и психолошки имунитет кој го чува нашето ментално здравје. Кога е слаб, полесно сме носени од стравови, грижи, самокритика и обвинување – и тогаш лесно може да бидеме однесени од следниот бран.


Но, кога го развиваме и негуваме - психолошкиот имунитет станува сидро за кое можеме да се држиме и во најтешките моменти.


ree

Тоа сидро е нашата способност: 


  • да се набљудуваме со љубопитност, 

  • да останеме со своите чувства без да бегаме од нив 

  • да си дадеме љубов кога нѝ е најтешко.


Овие способности не се нешто што треба да ги креираме или измислиме – тие се отсекогаш тука. Наше е да научиме како да стигнеме до нив и да ги негуваме.


Следно во текстот:


ree

Случајот со отказот на Филип


По отказот, целиот свет на Филип се урна. Сигурноста од добро платената работа исчезна, а на нејзино место се појавија секојдневни стравови за иднината и себе обвинувања за минатото. 


Секој ден, нов бран на анксиозност во кој тонеше подлабоко. Оставен сам на себе, тој не знаеше како да излезе од бурата на стравови и самокритика.


ree

Со тек на време, преку Гешталт терапија и личен раст, Филип почнува да ги открива своите способности за само поддршка - своето сидро. Научи дека не мора да чека некој друг да го спаси – зошто тој може:


  • Секогаш кога ќе доживее стегање во градите - наместо да бега од симптомот, да се набљудува со љубопитност.

  • Кога ќе се појави стравот “Ќе ми се случи нешто”- да го забележи и слушне, наместо да го отфрла или да биде обземен од стравот.

  • Кога ќе се почувствува осудено од околината - да се потсети на искуствата во кои бил виден и прифатен со љубов од негова блиска личност.

  • Кога ќе помисли „Јас сум крив за сѐ“, да се потсети дека е само човек – достоен за љубов и кога греши.


Поминувајќи низ овие искуства тој ја чувствува промената во своето тело:


  • Кога го набљудува стегањето во градите без страв –  симптомите исчезнуваат.


  • Кога го прифаќа и слуша стравот – се смирува.


  • Кога замислува безусловна љубов – се чувствува прифатен и сакан.


  • Кога се потсетува на минати успеси – ја враќа својата самодоверба.


Низ овие искуства тој открива дека има способност да избере што ќе прави со своите симптоми, емоции, мисли.  Во секој момент тој може да избере да ги набљудува, прифати, разбере, наместо да ги отфрли, потисне или отуѓи. Сето тоа води кон поголемо чувство на сигурност, мир и љубов во неговото ум и тело.


Филип може да избере да ги искористи овие способности секогаш кога ќе се најде во стресна животна ситуација. Кога ќе се појави нов бран на анксиозност - тој има алатки како да остане мирен и свесен.


Сега полено ќе се одлучи да влезе во нови предизвици  – затоа што со верба во своите способности и зајакнат психолошки имунитет може да се справи со следните одбивања и разочарувања.


Како да ги зајакнеме сопствените капацитети на само-поддршка?


Најпрво, важно е да станеме свесни дека сите ги носиме овие капацитети во себе.


Секој од нас може:


  1. Да ги забележува своите мисли и емоции - без осуда, со љубопитност.

  2. Да ги слушне емоциите и пораките што ги содржат.

  3. Да избере како ќе постапи со мислите и емоциите, наместо тие да го контролираат секое наше однесување.

  4. Да си даде поддршка и љубов – дури и во мигови кога му е најтешко.


Сѐ започнува со мал чекор – да посветиме време на сопственото ментално здравје. 


Доволни се и 10 минути дневно за полека да изградиме нови мостови кон внатрешните способности за љубов и грижа кон себе.


Некои едноставни начини да почнеме се:


  • Преку медитација учиме како да ги забележуваме мислите и емоциите со љубопитност - Аудио вежба: Сега сум свесен за

  • Преку дневникување ги изразуваме емоциите и мислите, наместо да ги чуваме во нас.

  • Со техники за визуелизирање на безбедни места или личности креираме чувство на сигурност во умот и телото.

  • Техниките на дишење и релаксација нѝ помагаат да го смириме телото и умот.

  • Разговор со психотерапевт нѝ помага да истражиме шеми на размислувања што веќе не нѝ служат.

  • Со практикување благодарност создаваме чувство на благосостојба и сигурност.

  • Мали гестови на љубов и нежност кон себе нѝ создаваат чувство дека припаѓаме на себеси


Активирај го твојот капацитет за само-љубов сега


Те покануваме да го искусиш досега прочитаното. Подолу е линк до бесплатна искуствена аудио вежба за визуелизација на безусловна љубов од безбедна личност.


ree

Не можеме да ги сопреме брановите - но може да научиме да сурфаме на нив


Без разлика дали во моментов чувствуваме анксиозност или не, важно е да ги негуваме нашите капацитети за само-поддршка.


Нема секогаш да нѝ оди животот по планот, но секогаш можеме да се потпреме на себе и да си дадеме поддршка.


Нема секогаш да се чувствуваме дека припаѓаме секаде, но секогаш можеме да се чувствуваме дека припаѓаме на себеси. 


Затоа е важно секој ден да ја негуваме комуникацијата со себе. Така го зајакнуваме психолошкиот имунитет и сме подготвени да одговориме со разум и свесност кога животот нѐ изненадува. Нашиот капацитет за самоподдршка е нашето сидро за кое може да се држиме и во најголемото невреме.


Која е следната алатка која ќе влезе во твојот сет на ресурси кога ти треба мир и стабилност?


📩 Доколку сакаш да добиваш содржини за подобро ментално здравје приклучи се на нашиот Newsletter подолу на формата.


🧘 П.С. во процес сме на креирање на онлајн програми за справување за анксиозност и стрес.


Со твоето искуство можеш да нѝ помогнеш да направиме поефикасни програми - Пополни го нашиот краток прашалник - Како се справуваш со анксиозност? и веднаш добиј аудио вежба за релаксација и враќање во контакт со себе.


Ти благодариме,


Се читаме!


Не заборавај да го споделиш постов со твојот пријател









 
 
 

Comments


Добивај ги следните едукативни содржини за ментално здравје

Се читаме наскоро! 

Заследи нѐ

  • Instagram
  • Facebook

© 2025 Created by KTD

bottom of page