Внатрешниот критичар - тивкиот мотор на анксиозноста
- Филип Неделковски 
- 1 day ago
- 5 min read
Updated: 8 hours ago
"Не си доволно добра", "доволно убава", "силна", "другите се понапред од тебе" - повторувачки мисли за кои мислиме дека се наши, но всушност…
Доаѓаат од глас кој постојано осудува, споредува, критикува и казнува. Како невидливо мерило вградено во нашиот ум - внатрешниот критичар постојано нѝ покажува колку „вредиме“ или поточно, колку не вредиме.

Но, често тој глас останува незабележан во маглата од емоции, мисли и симптоми на анксиозноста.
Ако се присетам како сум го доживувал мојот внатрешен критичар пред да го запознаам - тоа би било чувство на вина и само-осудување. Тивок, но присутен притисок во позадина.
Чувства и мисли до кои не знаев како да пристапам ниту што да правам со нив. Па така, често ме водеа пораките на критичарот — верував дека сè што ми зборува е вистина.
Од друга страна, несвесно се обидував да го потиснам, да го избркам од својот ум, како нешто што не треба да постои. Но, тој отпор создаваше уште поголем притисок. Колку повеќе се обидував да ги замолчам тие гласови, толку повеќе се засилуваа.

Многу од нас токму тоа го прават. Овие гласови остануваат незабележани и потиснати. Така тие стануваат тивкиот мотор на анксиозноста кои нѝ го отежнуваат секојдневието - а ние не нѝ знаеме дека е тоа така.
Кога ќе стапиме во свесен контакт со овие мисли и емоции, тие повеќе не се само магла која нѝ предизвикува анксиозност. Ги препознаваме како мисли кои доаѓаат од Внатрешниот критичар.
Кога еднаш сме станале свесни за внатрешниот критичар веќе се е поинаку. Можеме да стапиме во контакт со него, да го разбереме и да дојдеме до интересни вистини кои ќе нѝ помогнат во справување со овој дел од нас.
Следно во блогот:
Од каде доаѓа внатрешниот критичар?
Како деца сме биле изложени на критики од возрасните секогаш кога нема да следиме правила или општествени стандарди. Сме немале друга опција освен да им веруваме.
“Ако околината ми каже дека “не сум доволно добар” - тогаш сигурно е точно. “Ако родителите ми кажат дека не сум доволно силна” - вистина е. “Ако наставничката ми стави слаби оценки” - сигурно не сум паметен.

Без развиени капацитети да ги “преџвакаме” тие критики- ние несвесно ги прифаќаме за апсолутна вистина. Незабележливо ги интернализираме како свои и почнуваме сами да си ги упатуваме истите гласови: “не сум доволно добра”, “не сум доволно силна”, “не сум доволно паметна”. Така надворешниот критичар станува внатрешен.
Дополнително општеството постојано наметнува стандарди преку кои дава или одзема вредност. Постојано не вреднува преку постигнувања, статус, изглед, однесување. Тие стандарди несвесно ги прифаќаме и наметнуваме врз себе. Секогаш кога нема да ги постигнеме - се критикуваме, обвинуваме и осудуваме.
Препознавањето на овие гласови како гласови од внатрешниот критичар, а не наши - е клучно во креирање на нов однос кон овој дел и кон самите нас.
Како да препознаам кога зборува внатрешниот критичар?
Гласовите на внатрешниот критичар имаат осудувачки наместо поддржувачки тон. Обично тој нѐ осудува и ја напаѓа нашата вредност преку мислите:

“Не си доволно добар/а”
„Сите други се подобри од тебе.“
„Нема шанси да успееш.“
„Не си способен/способна“
“Не си доволно силен/а и цврст/а”
„Секогаш правиш нешто погрешно.“
Овие мисли можат да предизвикаат емоции како: срам, страв, тага, бес кон себе, вина и безнадежност.
Емоциите понатаму ги активираат следниве однесувања:
- Одложување и само-саботажа во исполнување на лични цели и потреби 
- Постојано извинување и оправдување 
- Потиснување емоции 
- Повлекување и изолација 
- Перфекционизам и претерана самоконтрола врз нашето однесување 
Сето ова води кон зголемена напнатост во телото, анксиозност и стрес, но и намалена самодоверба.
Кои гласови ги препознаваш кај својот Внатрешен критичар?
Внатрешниот критичар и анксиозноста
Анксиозноста често доаѓа од внатрешната борба меѓу нашите природни потреби и нивно потиснувањето од Внатрешниот критичар. Анксиозноста е војната меѓу „сакам“ и „не смееш“.
Во нас има енергија што сака да се изрази — потреба за одмор, поддршка, изразување емоции, слобода, креативност, раст — но гласот внатре нѝ вели дека „не треба“, “не можеме” или „не сме заслужиле“. Таа спротивставеност создава напнатост, која во телото се јавува како симптоми на анксиозност.
Примери од секојдневието
- Кога сме уморни, но внатрешниот критичар нѝ вели: „Не си направил доволно“ - ја потиснуваме потребата за одмор и телото реагира со стрес и напнатост. 
- Кога чувствуваме тага, но гласот внатре нѝ вели „не покажувај слабост“- ја блокираме емоцијата и ја претвораме во заглавена енергија која се манифестира во симптоми на анксиозност. 
- Кога сакаме да пробаме нешто ново, а се осудуваме „не си способен“, ја запираме природната енергија за раст и настанува внатрешен конфликт помеѓу желбата и стравот. 
- Кога сакаме да кажеме „не“, а се критикувааме „ќе изгледаш себично ако кажеш не“, го жртвуваме сопствениот мир заради задоволување на потребите на другите. 
Анксиозноста, во тој контекст, може да ја гледаме како сигнал — нешто внатре во нас сака да се движи, да се изрази, да живее послободно, но Внатрешниот критичар ја запира таа енергија преку страв, вина или срам.
Но, токму тогаш, анксиозноста станува повик — покана да го слушнеме, но и да го разбереме гласот на критичарот и нашите потреби.
Дали Внатрешниот критичар е лошото момче во приказната?
Нешто што најмногу ме изненади кога ја слушнав приказната на мојот Внатрешен критичар беше:
"Јас сум тука да те заштитам од болка. Подобро е јас да те критикувам - пред другите да те осудат. Преку критика те терам да бидеш сè подобар — поточно совршен. Затоа што не сакам да почувствуваш срам, вина или инфериорност, никогаш пак.“
Кога ја слушнав оваа порака во истиот момент мојот однос кон Внатрешниот критичар се смени. Сега разбирам дека тој не е лошото момче. Тој само го сака најдоброто за мене и сака да ме заштити. Но, на начин кој не е најдобар.
Колку повеќе дознавав за неговата функција толку полесно можев да се спавувам со овој критички глас во мене. Многу побрзо можев да го смирам, а со тек на време гласовите стануваа помалку интензивни.
Клучна поента
Кога ќе почнеме да ги слушаме гласовите на внатрешниот критичар со повеќе разбирање, наместо со отпор, можеме да видиме дека зад нив стои дел од нас што некогаш бил исплашен, осамен или непризнаен.
Кога сме во свесен контакт со Внатрешниот критичар имаме можност да ги „преџвакаме“ уверувањата што некогаш ги научил како: „Не си доволно добар.“ „Ти си виновен за сè.“ „Слаб си ако покажеш емоции.“
Можеби ќе откриеме дека критиката е негова стара стратегија за преживување — начин со кој се обидува да не заштитити од болка, одбивање, или неуспех.
И токму тогаш добиваме избор: Дали ќе продолжиме да бидеме водени од пораките на Внатрешниот критичар или ќе избереме да се грижиме за себе и своите потреби - со повеќе разбирање, нежност и самосочувство.

Во следниот блог ќе откриеме моќна техника(празна столица) од Гешталт психотерапијата за креирање на дијалог со нашиот Внатрешен критичар.
Оваа техника ќе ви помогне да го запознаете Вашиот внатрешен критичар и да креирате нов сочувствителен однос кон него.
Претплатете се на нашиот Newsletter на формата подолу и добијте ја техниката во следниот е-маил.
Прашања за рефлексија:
Како звучи гласот на мојот внатрешен критичар? Кои зборови најчесто ги користи?
Како реагирам кога тој глас се појавува — се борам со него или се обидувам да го разберам?
Важно: Овој текст има едукативна цел и не претставува замена за професионална психолошка или медицинска помош. Ако стравовите и анксиозноста значително влијаат на вашиот секојдневен живот, препорачуваме консултација со лиценциран психолог или психотерапевт. Доколку ви е потребна поддшка од психотерпавет контактирајте не на shs.gestalt@gmail.com
Имај убав ден, полн со само-љубов :)
п.с. Не заборавај да го споделиш текстов со некого на кому навистина би му помогнало.






Comments