Како да се справиме со Внатрешниот критичар?
- Филип Неделковски

- 24 hours ago
- 5 min read
Updated: 13 minutes ago
По ненадејниот отказ, Филип се соочува со стрес, стравови, срам, вина и несигурност.
Внатрешниот критичар почнува да го обвинува за ситуацијата. Му вели: „Сам си си виновен.Требаше да се потрудиш повеќе” - тоа кај него создава срам, вина и чувство на безвредност.

Понатаму Внатрешниот критичар му вели “Не смееш да ги изразуваш емоциите, ќе изгледаш слаб и неуспешен”. Наместо да заплаче, да се налути или барем да признае дека му е тешко, тој ги потиснува чувствата внатре.
Ова потиснување на емоциите создава внатрешен притисок – како енергија што се обидува да излезе, но удира во ѕид. Телото се затегнува и се појавуваат симптоми на анксиозност како забрзано срцебиење, стегање во градите и плитко дишење.Тоа дополнително му предизвикува стравови и влегува во затворен круг со симптомите и стравовите.
Како што Филип навлегува во анксиозноста, Внатрешниот критичар е тука за да го потсети: „Засрами се, не си силен, други се борат и преживуваат, а ти се распаѓаш од еден отказ. Ќе потонеш во анксиозноста зошто не си способен сам да се спасиш“
Од ова сценарио може да забележиме како внатрешниот критичар тивко создава напнатост и станува моторот на анксиозноста. Секогаш е присутен и тоа е навистина исцрпувачки.
Иронично е што често и него го потиснуваме, но критичарот се враќа сè посилен и ја зголемува напнатоста и симптомите.
Следно во текстот:
Дали Внатрешниот критичар е лошото момче во приказната?
Често, поради притисокот што го чувствуваме, Внатрешниот критичар го доживуваме како лошото момче. Но, дали некогаш си се запрашал/а: Можеби има добра намера?
Кога Филип почнува да го истражува внатрешниот критичар дознава многу интересна вистина - тој сака само да го заштити.
На прашањето: Каква улога имаш во мојот живот?
Внатрешниот критичар одговара: „Се што сакам е да те заштитам од болка. Преку критика те мотивирам да бидеш подобар — дури и совршен — само за да не згрешиш повторно и да не бидеш критикуван. Но, тоа го правам со критика и осуда, затоа што така сум научен. Не знам поинаку.“
По ваквата порака, Внатрешниот критичар за Филип не е повеќе непријател, туку дел кој го сака најдоброто за него.
Ова е точно за многу од нас. Нашиот внатрешен критичар го сака најдоброто за нас. Но, често го прави тоа на начин кој не повредува, затоа што така бил научен во минатото.
Но, добрата вест е дека можеме да научиме да го слушнеме и “ажурираме”. Да го потсетиме дека може да нè мотивира со посочувствителен тон, наместо со страв. Со конструктивни идеи за раст, наместо со обвинување.
Кога Внатрешниот критичар ќе биде слушнат - се отвара можност да се релаксира и да биде мотор на нашиот раст, наместо на нашата анксиозност.
Запознај го Внатрешниот критичар - Гешталт техника празна столица
Еден начин да воспоставиш комуникација со твојот внатрешен критичар е преку техника што се нарекува празна столица. Оваа техника потекнува од гешталт терапијата, но може да ја практикува секој што сака да стапи во контакт со себе и подобро да го разбере својот внатрешен свет.

Еве како можеш да ја примениш:
Постави две столчиња едно спроти друго.
Седи на едното столче и замисли дека на другото седи твојот внатрешен критичар — оној глас што често те осудува или ти вели дека не си доволно добар/добра.
Почни разговор со него, како да зборуваш со близок пријател кој поминува низ тежок период. Обиди се да бидеш љубезен и сочувствителен без да го отфрлаш и обвинуваш. Биди со него и слушај со љубопитност.
Можеш да му ги поставиш следниве прашања:
„Која е твојата улога во мојот живот?“
“Кога и како ја научи твојата улога?”
„Што ќе се случи ако престанеш да ме критикуваш?“
„Дали би сакал да добиеш друга улога во мојот живот? На пример советник? “
Доколку добиеш интересна порака - запиши ја и размисли како може таа порака да ја интегрираш во секојдневието.
Внатрешниот критичар и Самосочувство
По Гешталт теоријата, во секој од нас постојат поларитети. Ако во нас живее Внатрешен критичар кој постојано нè осудува и критикува, постои и дел кој може да нè мотивира и поддржи.

Тој е делот од нас што знае да биде сочувствителен — кој нè разбира, нè прифаќа и нѝ нуди топлина токму кога нѝ е најтешко.
Но често тој дел е затскриен, додека Внатрешниот критичар е оној што доминира.Така сме научени низ годините.
Но, сега имаме шанса да го откриеме сочувствителниот дел од нас кој може да нè поддржи и да нè потсети дека вредиме и кога не сме совршени.
Преку тој дел можеме да си дадеме поддршка секогаш кога ќе доживееме болка, страдање или пораз. Наместо да бидеме груби со себе, можеме да се потсетиме дека сме само човек. Да се потсетиме дека сите страдаат и грешат. Дека сите се ранливи и несовршени. Дека не треба да бидеме совршени за да бидеме сакани.
Да се однесуваме со себе со сочувство значи да си дадеме простор за одмор кога сме исцрпени, да си кажеме убав збор кога сме несовршени, и да се охрабриме кога не нѝ оди.
Тоа е гласот што вели: „Тука сум со тебе. Ќе помине. Секогаш можеш повторно да пробаш.“
Внатрешниот критичар и сочувствителниот дел можат да соработуваат, наместо да се борат.Кога сме свесни за потенцијалот на овие два дела, во нас се создава слобода на избор.
1. Да бидеме нежни со себе кога сме во болка.
2. Да си поставиме здрави граници затоа што сакаме да доживееме раст.
Клучна поента
Целта во Гешталт психотерапијата не е да го елиминираме Внатрешниот критичар, туку да го разбереме и интегрираме во нашиот живот. Често, токму тој дел содржи вредни информации што можат да нѝ помогнат во нашиот раст.
Кога ќе го слушнеме со љубопитност и сочувство, добиваме избор:
– Да ги задоволиме нашите потреби, без Внатрешниот критичар да нè спречува и осудува.
– Да си подариме самосочувство, наместо обвинување кога нѝ е тешко.
– Да го трансформираме Внатрешниот критичар во наш советник, наместо судија.
Кога престануваме да се бориме со него, почнуваме да го гледаме како дел што некогаш бил создаден за да нè заштити — можеби од одбивање, срам, неуспех или болка. Но со текот на времето, неговиот начин на „заштита“ станал премногу строг.
Наша задача денес е да го преиспитаме неговиот начин на заштита и да внесеме нова енергија на самосочувство кон себе.
Наместо осуда, да внесеме разбирање. Наместо казна, поддршка. Наместо отпор, прифаќање. Така внатрешниот критичар има можност да се релаксира, анксиозноста да се смири, а ние да живееме со поголемо чувство на слобода, автентичност и љубов за себе.
Во следниот блог ќе пишуваме што значи да сме сочувствителни кон себе. Доколку сакаш да ги добиваш следните содржини на е-маил - пријави се на формата подолу.
Важно: Овој текст има едукативна цел и не претставува замена за професионална психолошка или медицинска помош. Ако стравовите и анксиозноста значително влијаат на вашиот секојдневен живот, препорачуваме консултација со лиценциран психолог или психотерапевт. Доколку ви е потребна поддшка од психотерпавет контактирајте не на shs.gestalt@gmail.com
Имај убав ден, полн со само-љубов :)
п.с. Не заборавај да го споделиш текстов со некого на кому навистина би му помогнало.







Comments