top of page
Search

Што научив од две години Гешталт групните работилници

Да се биде Гешталт психотерапевт, не значи само да се прочита теоријата, да се научат техниките и да се заврши едукацијата.

Тоа е процес низ кој се запознаваш себеси и другите, ги откриваш сопствените шеми на размислување и однесување, и учиш како да бидеш во свесен и присутен контакт со другите луѓе.

Токму затоа се тука групните работилниците.

Тие се местото каде што знаењето за Гешталт психотерапијата го искусуваме и интегрираме низ личното искуство.


Еве што научив после две години учество во Гешталт групните работилници.


Доколку сакаш да дознаеш повеќе информации за Гешталт едукацијата, погледни го видеото на следниот линк



Ги запознавав луѓето подобро


Често имаме многу скромно мислење за себеси, сомнежи, несигурности, и претерана само-критика.

Додека пак другите луѓе многу лесно ги ставаме под категоријата “идеални”.


Но, можеби тоа е така затоа што себеси се знаеме повеќе, отколку што ги познаваме другите.




Си ги знаеме сите свои маани, несигурности и делови од себеси од кои се срамиме. Си го знаеме нашето минато и грешките за кои можеби и ден денес се срамиме.


Но кај другите најчесто ја гледаме само надворешната слика.


Веруваме дека другите го имаат “сфатено” животот многу подобро од нас. Дека ја откриле тајната за успешен и среќен живот.


Но, кога подолго си дел од една група од 10-15 луѓе и ќе почнеш поддлабоко да ги запознаваш - сфаќаш дека и другите луѓе се несовршени.


И другите чувствуваат страв, импулси, емоции и мисли кои не се општествено прифатливи. И другите се борат со несигурност, носат срам, вина, каења, незадоволство и разочарувања од животот. И другите исто колку и ти често се збунети и не знаат што да прават со мистериозното патување наречено “живот.”


Оттука дојдов до нова свесност дека не сум сам.


Дека можеби не е дека нешто не е во ред со мене. Едноставно тоа е нормална состојба на човекот - несовршена и полна со парадокси.


Преку другите почнав подобро да се разбирам себеси


Една од најинтересниот дел од групните работилници е кога терапевтот работи еден на еден со некој од учесниците во групата.


Преку тие индивидуални сесии увидов дека имам многу слични приказни со останатите од групата.


Многумина носат слични внатрешни гласови како и јас:

„Не сум доволно добар.“

„Не смеам да згрешам.“

„Морам да ги задоволам сите.“

“Ќе ме сметаат за слаб/а ако побарам помош”



Следејќи ја работата на другите ми помогна да освестам нови обрасци на размислување и да го забрзам својот личен раст и развој.


И најважно, чуствуваш дека не си сам.


Поддршка кога ти е најпотребно


Групните работилници се место каде што секој се чувствува безбеден да го каже она што му е тежи.


И токму кога слушаме за животните предизвици на другите - во нас природно се раѓа чувството на емпатија.



Токму во тие моменти луѓето се чуствуваат прифатено, слушнато и разбрано.


Токму таквата поддршка помага да добиеме јасност и креативни идеи за подобро справување со нашите животни предизвици.


Уште повеќе, добиваме чувство дека не сме сами во сето ова.

Дека не ни се случуваат развод, отказ, здравствени и семејни предизвици само нас.


Туку непријатните искуства се случуваат кај секого.


И можеби проблемот не исчезнува веднаш.

Но исчезнува чувството дека сме единствените што поминуваат низ тоа.


Создадов пријателства што се темелат на искреност и сочуство


Во секојдневниот живот често разговараме за обврски, работа или секојдневни теми.

Ретко имаме простор, а можеби и луѓе со кои ќе зборуваме за нашите емоции, надежи, стравови, импулси и разочарувања.


Групните работилници се токму едно такво место кое често нѝ недостасува во секојдневието.



Тие се безбеден простор во кој луѓето почнуваат да ги покажуваат и своите ранливи делови, без страв дека ќе бидат осудени. Токму во тој безбеден простор се создаваат пријателства кои се на подлабоко ниво од вообичаените познанства.


Односи кои се темелат на поголема доверба, разбирање, емпатија и сочуство.


Можев безбедно да експериментирам со нови однесувања


Секој од нас има начини на однесување кои ги научил во минатото и што ги повторува со години, иако не секогаш нѝ носат најголеми бенефити.


Некој секогаш молчи. Некој постојано се прилагодува. Некој избегнува конфликти.Некој никогаш не бара помош.


И во секојдневниот живот ретко имаме безбеден простор каде може да пробаме нешто поинакво.



Но во групнните работилници тоа е можно.


Можеш да експериментираш да излезеш од комфорт зоната.


Можеш да кажеш што навистина мислиш.

Да поставиш граница.

Да побараш поддршка.

Да покажеш ранливост.

Да направиш нешто што вообичаено би го избегнал и да видиш што ќе се случи.


Токму преку овие мали експерименти почнува да се случува раст. Да се менуваат старите модели на однесување и да се креираат нови однесувања кои се автентични за нас, кои не носат кон послободно и посреќно живеење.


Така стекнуваме повеќе самодоверба во себе и ги откриваме своите потенцијали и можности.


Ги откривав своите предрасуди за другите


Многу често на почетокот имав стекнато одредени мислења за секој од членовите во групата.


Но како што ги запознавав луѓето се повеќе, открив дека сите сме толку сложени и мултидимензионални.



Открив дека никој не е целосно, самоуверен или несамоуверен, креативен или досаден, срамежлив или комуникативен, храбар или исплашен.


Едноставно сите сме на некој спектар со различни нијанси, бои и димензии.


Понекогаш сме паметни, но знаеме да направиме и не толку генијални потези.

Некогаш сме срамежливи, а некогаш отворени за комуникација.

Некогаш сме храбри, некогаш сме исплашени.


Низ групните работилници заележав колку е ова точно кај сите и колку сите се менуваме од момент во момент во една или друга улога.



И најважно, за првпат почнав да си ги прифаќам сите аспекти од мене кои не се прифатливи од општеството и кои сакав да ги елемнирирам.


Токму тука се случи првата голема промена која ме однесе кон помирни секојдневија.


Завршните работилници се јаготката на шлагот


Едни од најубавите моменти се завршните работилници.


Кога сите едуканти, ќе се соберат на едно место.


Кога ќе се сретнеш со луѓе кои го поминале сличниот пат изминатата година, едноставно многу лесно се создаваат значајни разговори, пријателства и кога секој ќе ја донесе својата автентичност и неколку дена сме тука да се запознаеме, се креираат убави спомени кои траат за цел живот.




Гешталт групните работилници се повеќе од едукација


За мене, групните работилници се место каде што имам простор подобро да се запознавам себеси, да ги запознавам другите и да експериментирам со поинакви начини на однесување од оние што сум ги повторувал во изминатите триесетина години.


Тие се простор каде што се забрзува личниот и професионалниот раст и развој.


Воедно, тие се можност да ги развиваме нашите социјални вештини и подобро да ги разбереме стравот, срамот и самокритиката, како и стравот од осудување од другите.


Групните работилници се и можност да направиме пауза од индивидуалниот начин на живеење што ни го наметнува современото време.


Тие нè потсетуваат дека не сме сами, ни помагаат да се чувствуваме помалку осамено и повторно да воспоставиме контакт со реалноста на човековата природа.


Токму затоа, вредноста на групните работилници е непроценлива.


Повеќе информации за условите кои кандидатите е неопходно да ги исполнуваат за да бидат дел од едукативниот тренинг за Гешталт психотерапија пронајди на следниот линк


 
 
 

Comments


Добивај ги следните едукативни содржини за ментално здравје

Се читаме наскоро! 

Заследи нѐ

  • Instagram
  • Facebook

© 2025 Created by KTD

bottom of page