Прифаќањето на неизвесноста е клуч засправување со анксиозноста...
- shsgestalt

- Jul 15
- 5 min read
Голем дел од анксиозноста произлегува од нашата потреба да бидеме сигурни дека ништо лошо нема да се случи.
Никогаш да не останеме без пари
Секогаш да сме здрави
Партнерот да остане засекогаш со нас
Планетета да опстане
Но токму тука започнува проблемот.
Затоа што животот никогаш не бил сигурен, ниту стабилен.
И навистина…
Не можеме да предвидиме што ќе се случи во следниот момент
Утре може да скршиме нога
Да се разболиме
Да нѝ дадат отказ
Да заврши врска за која сме мислеле дека ќе опстане до крајот на животот
Но, кога очекуваме секој ден да биде стабилен - токму тогаш се созздава анксиозноста.
Токму тогаш почнуваме
да градиме невидливи ѕидови меѓу нас и животот.
Да ги очекуваме најцрните можни сценарија.
Да го преиспитуваме секој наш следен чекор.
Да се плашиме и од најмалите промени.
Незабележливо почнуваме да се криеме од животот, наместо да го живееме.
И најважно од се…Ја пропуштаме можноста за раст.
Можноста да го изградиме капацитетот што нѝ помага да се справиме со непредвидливоста на животот.
Оттука, прегрнувањето на животот со сите неизвесности - го гради нашиот капацитет за помирно пловење низ следната бура.
Па замисли се неколку години од сега…
Си се впуштил со раширени раце кон животот.
Влегуваш во различни врски, партнерства, работни места, искуства.
Дел од нив веројатно ќе завршат и нема да траат вечно.
И тоа ќе те боли. Но, не е важно..
Важно е што низ тие искуства учиш дека можеш да го преживееш следното изненадување од животот.
Дека можеш да се справиш и со она што никогаш не си го планирал дека ќе го дочекаш.
И тука една работа почнува да станува јасна.
Со тек на време живееш помирно, послободно и постабилно.
Но, не затоа што светот станал попредвидлив.
Туку затоа што си посилен/а кога животот ќе стане непредвидлив.
Затоа што имаш самодоверба дека што и да ти донесе животот - ќе го прифатиш и поднесеш.
И можеби мирот не доаѓа кога конечно ќе успееме да го контролираме животот.
Туку кога ќе престанеме да бараме гаранции од него.
Кога ќе научиме дека животот постојано ќе се менува.
А ние, чекор по чекор, учиме како да се менуваме заедно со него.
Како будизмот може да нѝ помогне со несигурноста?
Будизмот тргнува од идејата дека голем дел од нашето страдање доаѓа кога се врзуваме за нешта кои сакаме да останат засекогаш.
Сакаме здравјето да трае засекогаш.
Партнерот секогаш да биде покрај нас.
Работата никогаш да не ја изгубиме.
Родителите никогаш да не остарат.
Но токму тука започнува страдањето.
Не затоа што животот е суров.
Туку затоа што:
Сè е непостојано
Еден од основните идеи во будизмот е дека сè е непостојано.
Сè во нас и околу нас се менува од момент за момент.
Нашите релации,
Нашата материјална состојба
Нашата работна околина
Нашите емоции, мисли, физички сензации и доживувања.
И не треба многу мудрост и истражување за да ги најдеме доказите за оваа вистина.
Во текот на денот забележи како се чувствуваш од момент за момент.
Ќе откриеш дека скоро никогаш не си цел ден среќен или постојано тажен или лут.
Туку дека твоите емоции постојано се менуваат од момент за момент.
Истото се случува и со мислите и со телесните сензации.
Искусувањето на овие субтилни промени може да нè приближи до вистината за непостојаноста, несигурноста и непредвидливоста на животот.
Свесноста дека сè се менува и дека ништо не е вечно - може да нѝ помогне да останеме мирни и стабилни кога се појавуваат негативни емоции, мисли или ситуации во нашиот ден.
Многу полесно остануваме мирни кога ќе се појават тагата, стравот или анксиозноста, затоа што знаеме дека тагата ќе си замине, анксиозноста ќе помине, лутината ќе испари.
Не затоа што така сме одлучиле, туку затоа што таква е природата на животот - Непостојан.
Животот постојано дава и одзема
Втора основна идеја во будизмот е дека во текот на еден ден често се соочуваме со контрасти во животот.
добивка и губиток.
Задоволство и болка
Пофалба и критика
Слава и срам
И ова може лесно да се провери дали е навистина така.
Овие контрасти многу често нѝ се случуваат во текот на еден ден:
Стануваш наутро и добиваш е-маил дека си направила сериозна грешка.
Излегуваш од дома и партнерот те прегрнува.
На пат кон работа добиваш порака дека си го заборавила шпоретот вклучен.
На работа дознаваш дека дел од прекумерните обврски му се пренасочени на друг колега.
Вечерта парнерот ти кажува дека нема да може да излезе со тебе затоа што има заостанати обврски на работа.
На крајот од денот остануваш дома и сфаќаш дека конечно можеш мирно да изедеш еден голем сладолед без некој да ти префрли за тоа.
Ова се можеби мали ситни моменти, но нашиот ум постојано ги доживува како добивка и губиток.
И доколку сме свесни да ги забележуваме - ќе откриеме дека никогаш не сме целосно во една зона.
Туку постојано се менуваат работите околу нас.
Успех - неуспех, добивка - губиток, пофалба - критика, слава - засраменост.
И токму свесното живеење според оваа вистина, ни носи поголема стабилност, урамнотеженост и смиреност во секојдневието.
Имаме помал отпор кога ќе се случи неуспех, критика или загуба.
Не затоа што нѝ се допаѓаат.
Туку затоа што знаеме дека и тие се дел од животот и дека си доаѓаат и одат како облаци на небото.
Што стоицизмот има да каже за непредвидливоста?
Од перспектива на Стоицизмот, можеби токму непредвидливоста на животот може да нѝ донесе повеќе среќа, задоволство и мир.
Можностите дека уште утре може
Да останеме инвалиди
Да направиме погрешен потег и да не отпуштат
Да не удри кола
Да не напушти партнерот
Може да не потсетат да бидеме благодарни што сме сеуште живи и здрави и што имаме некој што не сака.
Оттука една од практиките на Стоицизмот е “свесно негативно визуелизирање.”
Визуелизирање на негативен исход.
На пример, можеме да замислиме дека вчера сме доживеале сообраќајна несреќа.
Токму ваквата негативна визуелизација може да не разбуди од секојдневните мали грижи и да не потсети дека сме живи и здрави.
Дека имаме две нозе и две раце. Дека можеме да трчаме, да готвиме, да шетаме и да спиеме без болки во вратот.
Уште една интересна практика во Стоицизмост е потсетувањето дека се што правиме во животот може да е за последен пат.
Навистина никогаш не можеме да знаеме кога за последен пат
Го возиме велосипедот
Јадеме сладоледот
Гушкаме партнерот
Гледаме небото
Токму таа вистина дека може нешто да правиме за последен пат, може да не наврати во сегашниот момент.
Наместо додека го возиме точакот постојано да се грижиме за висината на следната сметка за струја или дека две третини од животот веќе нѝ поминале, а ние сеуште не сме го нашле вистинскиот животен партнер..
Можноста дека возиме точак за последен пат може да нѝ помогне да бидеме целосно присутни во искуството.
Што е смислата на живеењето тогаш?
Ако ја прифаќаме вистината за непостојаноста и непредвидливоста.
Ако прифатиме дека се се менува.
Дека после радост, доаѓа тага, после тага доаѓа сонце, па повторно облаци.
Природно доаѓа прашањето
Која е смислата во животот ако не можеме да ги избегнеме темните облаци?
Можеби одговорот е:
Можноста за раст.
Во секоја негативна ситуација имаме можност да пораснеме.
Да добиеме нови информации каде сме погрешиле.
Како можеме подобро следниот пат.
Како да останеме мирни сред невреме.
И на крај како да останеме со љубов кон себе и кога не сме совршени.
И како што дождот е неопходен за да пораснат црешите - така можеби и страдањето нѝ е потребно за да пораснеме.
Да бидеме посвесни, помудри, посочуствителни, поемпатични, помирни, посреќни и позадоволни човечки битија.
Погледни го бесплатнио вебинар "Како да се справиме со анксиозноста?" со клик на сликата подолу:






Comments